Фото: Влада Србија

Претседателката на српското Собрание и вршителка на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ, ги повика претставниците на Студентската листа, која победи на парламентарните избори, што поскоро да формираат власт и да преземат одговорност. Таа оцени дека актуелните случувања во земјата претставуваат „владеење на теророт, а не владеење на правото“, пренесе МИА.

– Ова не е владеење на правото, ова е владеење на теророт – порача Брнабиќ на прес-конференција во зградата на Претседателството на Србија.

Таа ги повика победниците на изборите да ги формираат институциите и, доколку сметаат дека има потреба, да преземат кадровски промени, наместо, како што рече, да вршат притисоци врз луѓето.

– Луѓе, формирајте ги органите на власта, па разрешувајте ги луѓето, немојте да ги малтретирате, шиканирате и понижувате – рече Брнабиќ, наведувајќи повеќе примери за настани од изминатиот период.

Меѓу нив ги спомена обидот за упад во општината Земун, обидот да се спречи одбележувањето на славата на Српската напредна партија (СНС), како и упадите во одделни претпријатија и институции.

Како пример го посочи и отворањето интернет-портал преку кој граѓаните можат да пријавуваат лица за кои организаторите сметаат дека ја смениле политичката страна по изборите.

– Конечно, и отворањето портал на кој „секој може да го пријави својот ќаци“, а потоа вие сте „сопственик на вашиот ќаци“. Дали тоа е поубава и подобра Србија? – праша Брнабиќ.

Таа оцени дека ваквите постапки не биле забележани уште од времето на нацистичка Германија, нарекувајќи ги „пар екселанс нацистичка политика“.

Според неа, станува збор за заплашување на граѓаните, притисоци врз новинарите, напади врз слободата на медиумите, како и директни напади врз работата на обвинителството и независноста на правосудството.

– Доживеавме од паркот да ни се сервираат наредби, и на обвинителите и на медиумите – рече Брнабиќ, алудирајќи на вчерашната прес-конференција на претставник на Студентската листа во Белград, одржана во Пионирскиот парк.

Таа ги повика граѓаните на разум, мир и почитување на Уставот и законите, но и на основна човечка пристојност.

– Некои беа одговорни во поразот, некои се неодговорни во победата – рече Брнабиќ.

Како приоритет таа го посочи што побрзото формирање на институциите. Според неа, претседателските избори може да ги распише и новиот претседател на Собранието, откако ќе биде конституиран новиот парламентарен состав.

Брнабиќ наведе дека изборите мора да бидат распишани најдоцна до 27 ноември, за да се одржат на 27 декември. Таа додаде дека конститутивната седница на новото Собрание ќе ја свика во најкраток можен рок.

– Морав да се огласам, бидејќи сум вршителка на должноста претседател на државата. Ќе беше срамота за мене доколку не се огласев – рече таа.

Одговарајќи на новинарски прашања, Брнабиќ истакна дека во изминатите 14 години во Србија не бил затворен ниту еден медиум. Таа рече и дека имала контакти со странски претставници, по што, како што тврди, престанале дел од нападите и притисоците во изминатите четири дена.

На прашањето кога ќе биде објавен списокот на помилувани лица, кои доскорешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ги помилува непосредно пред оставката, Брнабиќ повтори дека тоа не е во нејзина надлежност, а потоа им порача на новинарите: „Не ме шиканирајте“.

На парламентарните избори одржани на 25 октомври, Српската напредна партија (СНС), чија потпретседателка е Брнабиќ и која со години беше на власт, претрпе изборен пораз од Студентската листа. Таа формално беше поднесена од група граѓани во име на Студентското движење, кое во изминатите две години ги предводеше протестите против владата.