Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата разгледува можност граѓаните во иднина сами да избираат дали ќе издвојуваат средства во двата пензиски столба или ќе останат само во првиот, државен пензиски столб. За евентуалната промена, според него, неопходна е јавна дебата со експерти и познавачи на пензискиот систем.
Мицкоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5 рече дека во моментов нема проблеми со функционирањето на пензискиот фонд и исплатата на пензиите, но дека треба навреме да се разгледаат можните решенија за да се избегнат проблеми во иднина.
Како една од причините за преиспитување на постојниот модел, тој го посочи воведувањето на задолжителниот втор пензиски столб, оценувајќи дека резултатите не ги исполниле очекувањата. Според неговите тврдења, пензиските друштва што управуваат со средствата не успеале да остварат приноси на нивото предвидено при воспоставувањето на системот.
-Поголемиот проблем е тоа што кога е носен законот се прифатени условите колкави треба да се приносите за вториот задолжителен пензиски столб, а тие не се толкави. Друштвата што ги управуваат парите не успеваат да обезбедат такви приноси колку што требало – рече Мицкоски.
Тој посочи дека, според одредени процени, во вториот пензиски столб има околу 2,5 милијарди евра, а можеби и три милијарди евра. Како што наведе, очекуваните приноси биле околу пет проценти, додека актуелните, според неговата изјава, се приближно 1,5 проценти.
Премиерот нагласи дека сè уште се анализираат можните решенија и дека Владата сака да ги слушне ставовите на стручната јавност пред да донесе одлука. Како примери ги посочи различните модели во европските земји, каде што некаде вториот столб бил национализиран, а во други случаи се преминало кон систем со само еден, државен столб.
Сепак, според Мицкоски, една од опциите што се разгледуваат е изборот да им се остави на самите граѓани.
-Тоа е едно од можните решенија кон кои се движиме, но за ова ќе треба јавна дебата, да ја ислушаме експертската јавност и луѓето што се занимаваат со оваа проблематика, за да можеме да дојдеме до решение – изјави премиерот.
Тој додаде дека Владата е подготвена да преземе мерки доколку оцени дека се во интерес на граѓаните, без оглед на можните политички последици.
-Политичката цена никогаш не била мој приоритет. Доколку мислиме дека нешто е добро за државата, подготвени сме да ја платиме која било политичка цена – рече Мицкоски.
































