Фото: Маја Јаневска - Илиева

Нашето очекување како држава е јасно – процесот на европска интеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените критериуми и стандарди“, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, кој е во официјална посета на земјата.

„Во тој контекст го информирав министерот Бланар дека остануваме посветени на одржување отворени канали на дијалог со соседна Бугарија и подготвени сме да дадеме наш придонес кон унапредување на билатералните односи. Истовремено, сметаме дека е потребна посилна динамика на европската интеграција на целиот регион, вклучително и нашиот пристап кон Европската Унија“, потенцира Муцунски.

Тој истакна дека денешната посета е уште една потврда за блиските и пријателските односи помеѓу двете земји и за заедничката определба да градиме партнерство засновано на меѓусебно почитување, доверба и споделени вредности.

– Имавме отворен, конструктивен и пријателски разговор за билатералните односи, европската интеграција, економската соработка, како и за други актуелни регионални и геополитички состојби. Заеднички оценивме дека одличните билатерални односи и долгогодишното партнерство претставуваат силна основа за натамошно продлабочување на соработката и отворање нови можности во области од заемен интерес. Посебен акцент ставивме на трговијата, директните инвестиции, како и на соработката од областа на образованието и културата – рече министерот.

Муцунски рече дека Словачка континуирано се вбројува помеѓу нашите најголеми трговски и инвестициски партнери, што претставува значајна основа за натамошно јачање на економските врски.

– Посебно ја цениме принципиелната поддршка на Словачка за европската перспектива и на нашата земја, но и на целиот регион на Западен Балкан, и нејзиниот активен придонес во регионалната безбедност, економскиот развој и забрзувањето на европската перспектива на нашиот регион. Таа поддршка меѓу другото ја препознаваме преку директниот ангажман на Словачка во групата „Пријатели на Западен Балкан“, во Вишеградската група и во Славковскиот формат, и за ова сме искрено благодарни. Политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво, а принципиелната поддршка од Словачка за остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија, има особено значење за нас – кажа Муцунски.

Тој додаде дека го информирал Бланар и за посветеноста на Владата на реформскиот процес којшто треба да донесе опиплива и квалитативна трансформација на општеството во согласност со европските стандарди и паралелно со техничкото приближување кон правниот систем на Европската Унија.

– Во време кога нашиот континент е исправен пред предизвици од историски размери, со колегата Јурај споделуваме став дека заедништвото и одлучноста во европското семејство се најдобар одговор на новата реалност. За помалите држави меѓународниот поредок заснован на правила и почитување на меѓународното право се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и ефикасното управување со современите геополитички случувања – рече Муцунски.

Во одговор на новинарско прашање за случајот „Ива Михајлова“, Муцунски рече дека и на средбата со Бланар било истакнато нашето очекување како земја кандидат за членство, дека и земјите членки на Европската Унија треба да ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правото.

– Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за сторени кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што, на линија на тоа што го кажа и претседателот на Владата Мицкоски пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори коишто се во тек во таа држава – посочи министерот.

Тој повтори дека билатералниот дијалог со Бугарија за евроинтеграциите ќе продолжи, којшто вклучува и наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ.

– Дијалог има и тој ќе продолжи. Пред неколку дена во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, каде што меѓу другото дискутиравме и за оваа тема. Денес тука е колегата Јурај, и ова беше една тема за која активно разговаравме, бидејќи нели, сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција, за нив е потребен консензус. Што значи, какво било решение за коешто работиме со Бугарија да го постигнеме, коешто хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така што, дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции по ова прашање има и дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме по тоа прашање, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива – рече Муцунски.

Тој рече дека во моментов нема планирано средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова, но вели, во декември ќе има повеќе формати, како што ќе биде средбата на министри за надворешни работи на НАТО, каде што ќе бидат заедно присутни.

– Очекуваме ние да бидеме домаќини на формат министри за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа со Украина исто така во месец декември. Така што, верувам дека ќе има прилика да се сретнам со мојата колешка од Бугарија и отворено да разговараме и за европскиот пат, но отворено и да дискутираме за одредени прашања коишто нас како сосед и не само како земја кандидат, но и како земја рамноправен член во НАТО, нè загрижуваат во однесувањето оттаму. Но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта мојата изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија – истакна Муцунски на заедничката прес-конференција со Бланар.