Прилози кон договорот Македонија-Бугарија
Да не се лажеме, да не сме во заблуда и да не се чудиме на што се должи ветото на Бугарија кон Македонија за почнување на преговорите за членство во Европската Унија. Ако Македонија и Бугарија имаат можности и меѓусебна пријателска волја за решавање на сто прашања, речиси е сигурно дека деведесет и осум (98) од нив би се решиле за час, без никакви проблеми. Од стоте, за бугарската страна се спорни само две, можеби три: македонскиот народ и неговата историја и македонскиот јазик и неговата историја, плус дека бугарската окупација не била окупација и дека Бугарите не биле фашисти. Оттаму се ветото и сѐ што се случува околу него. Сето друго е политичка парада, успешно организирана од бугарската држава. Условот за запишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија е додаден по воведеното вето, тој услов нема историска подлошка, никогаш и никаде во изминатите 80 години немало такво барање.
Низ целата историја во односите меѓу двете држави и народи копјата се кршеа околу идентитетот на македонската нација и автентичноста на македонскиот јазик, кои од бугарска страна никогаш не се признаени, ниту од политиката, ниту од науката. Во денешниот текст ќе се осврнеме на јазикот и тезите за неговото оспорување.
Според тврдењата на бугарските лингвисти, македонскиот литературен јазик е формиран врз граматичката структура на југозападниот бугарски говор со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во рамките на југословенската федерација и тој е наложен по силата на политички декрет, кој е прифатен на определено место (во манастирот „Прохор Пчињски“) и на определен датум (2 август 1944 г.). Според нив, терминот „македонски“ во синтагмата „македонски говор“, употребуван во славистичката наука пошироко, треба да се третира како географски термин според областа Македонија, аналогно на тракиски спрема Тракија, мизиски спрема Мизија. Терминот „македонски литературен јазик“ асоцира на втор бугарски книжевен јазик и не е посебен национален јазик. Тој е варијанта на бугарскиот литературен јазик, негов западен дијалект.
Истовремено е потенцирана тезата дека македонскиот јазик е измислен од србокомунистите, дека е вештачки како што е вештачки создадена македонската нација и дека тоа го направиле србоманските изроди од Македонија. Таквите тврдења се од денот кога македонскиот јазик е официјално кодифициран, што значи повеќе од осумдесет години. Со мали, но значителни исклучоци и напишани сведоштва во периодот меѓу 1946–1950 година во време на блиските односи меѓу Бугарија и Југославија, меѓу Тито и Ѓорѓи Димитров. Во тој период беа признавани и официјално беа запишувани во пописот Македонците во Пиринска Македонија и посебноста на македонскиот јазик. Тогаш во Бугарија се отвораа училишта на македонски јазик и културни институции со македонски национален назив. Од педесеттите години наваму, како во тврдиот комунизам на Тодор Живков така и во либерална Бугарија, високите политички личности и високите научни историчари и лингвисти го истакнуваат негаторскиот став. Основната слика е иста, се менуваат само боите.
Македонскиот професор по лингвистика, академик Божидар Видоески, заедно со академик Блаже Конески и во негово име, уште во раните деведесетти години укажуваше дека по осамостојувањето на Република Македонија пропагирањето на бугарскиот карактер на македонскиот јазик во бугарските научни кругови зело уште посилен замав. Тогаш веднаш била дополнета и „освежена“ стратегијата за негирање на македонскиот јазик, со оформување или реоживување на институти и институции задолжени за македонското прашање, со вклучување нови домашни и странски лингвисти. Меѓу најангажираните од странските слависти, академикот Видоески го спомнува д-р Ото Кронштајнер, професор по славистика и бугаристика на Универзитетот во Салцбург, кој всушност бил гласноговорник на бугарските лингвисти. Она што Бугарите му го диктирале, тој го пишувал.
Да наведеме во најкратки црти само дел од тезите што денес во најголем дел ги застапуваат и ги бранат бугарските лингвисти.
Според нив, македонскиот литературен јазик е вештачка творба, конструкт на еден човек или на група луѓе, направен со политички акт и со цел да се раздели бугарскиот јазик на два дела; како таков тој на научен план не може да се оправда. Лингвистичкиот македонизам не е ништо друго, освен форма за србизација на бугарскиот јазик во географската област Македонија и тој процес е започнат од крајот на минатиот век (се мисли на крајот на 19 век).
Според бугарската наука, белградските научници заедно со скопските помошници го наложиле македонизмот како идејна насока на србизмот во историската наука и во лингвистиката. Србокомунистичките управници од Белград ги извлекле од стариот националистички арсенал идеите на Стојан Новаковиќ за македонизмот како етапа во процесот на србизирањето на Бугарите во Вардарска Македонија, приспособувајќи ги тие идеи кон новото време. За таа цел тие го искористиле веќе испробаниот светски опит со поделба на народите да се создадат нови нации, а со тоа и нови јазици, како што е случајот со некои народи во Средна Азија. Со споредби на такви модели, бугарските научници тврдат се разделени бугарскиот народ и јазик за да се создадат т.н. македонски народ и македонски јазик.
Според бугарски статии и коментари, со обидот писмено-регионалната форма во Република Македонија да се претставува како литературен македонски јазик се вршел најгруб фалсификат. Скопската (се мисли на македонската) јазична норма како нова творба нема своја посебна историја, различна од општобугарската, а нејзината дијалектна база го има западнобугарскиот карактер. Следствено на тоа, скопската норма има регионален карактер не само затоа што е создадена вештачки по политички порачки туку поради тоа што таа врши официјална функција само на еден регион од географската област Македонија – само во Вардарска Македонија, додека во другите два дела – во Пиринска и во Егејска Македонија – таа не е прифатена.
Со Договорот за пријателство со Бугарија се оформи заедничката комисија за историски и други научни прашања, низ која би требало историчари и лингвисти да ги „пеглаат“ разликите, да ги омекнуваат формулациите долго присутни во историјата, одредени факти да релативизираат, дел да подлежат на ревизија. Најверојатно дека некои настани ќе бидат премолчувани, а некои сосема избришани од споделената или од посебната историја на двата народа. За жал, комисијата не „исплива“ од матните води во кои ја заглавија длабоки недоразбирања, неусоглаености и претеризми од бугарска страна.
Спомнувајќи ги тие околности, не пречи да се потсети дека во Бугарија од пред три децении, односно по независноста на Македонија, постои утврдена стратегија во врска со постапувањето околу прашањата поврзани со историјата и јазикот, а кои се однесуваат на Македонија, поточно на Република Македонија. Бугарските лингвисти и дел од нивните странски поддржувачи изразуваат увереност дека по паѓањето на идеолошко-политичкиот ѕид спрема Бугарија, Македонија, лека-полека, ќе се насочи кон својот природен партнер Бугарија и ќе се воспостават прекинатите врски пред 85 години за да се дојде до повторно обединување во јазичната и културната област. Нив не ги напуштила надежта дека народот во Република Македонија повторно ќе го воспостави својот културен и јазичен идентитет без политички притисок и ќе се врати кон својата матица.
Кои се „можностите за решавање на македонското прашање“ т.е. како Македонците да се вратат во својата матица, според бугарските лингвисти и нивните поддржувачи. Тие неретко се изложуваат во вид на тези, статии, научни трудови, во интервјуа, па дури и во кратки изјави за медиумите.
Една од главните насоки е да се врши влијание Македонците најпрво да се откажат од теоријата за два јазика („двојазична теорија“). Откажувањето може да се реализира во фази, постепено. Напоредно со македонскиот литературен јазик во сегашнава форма треба да се инсистира во Република Македонија да се допушти и употребата на бугарскиот јазик, со можност во основното и средното образование да се воведе факултативно и настава по бугарски јазик. Се предлага на Универзитетот во Скопје да се формира посебен институт за бугарски јазик.
Понатаму, ако може да се направи обид во сегашнава форма на македонскиот литературен јазик да се воведе бугарската ортографија. Поточно, во азбуката, односно во писмото, да се воведат буквите ер мал и ер голем (треба да се напомене дека такво барање имаше од некои писатели и политичари во Македонија, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски). Да се запре понатамошното србизирање на македонскиот јазик. Бугарската реч да се афирмира преку заеднички предавања по радиото, телевизијата, низ театарски претстави и литературни читања во двете земји. Да се обезбеди слободна размена на весници, списанија и друга литература меѓу Македонија и Бугарија.
Една од главните идеи истакната уште во почетокот е да се создаде заедничка институција за македонско-бугарски јазични прашања, да се засили книжевното зближување, да се размени историската документација меѓу двете земји.
Интересно е да се спомене дека само неколку години по падот на Тодор Живков, во бугарските кругови е афирмирана доктрината за усогласување на терминологијата по однос на жителите во Македонија со нагласка на нивното бугарско самочувство. Во дилемата дали да се нарекуваат бугарски Македонци или македонски Бугари, во практиката преовлада вториот предлог. За спроведувањето на таа програма бугарската држава испраќа емисари, ангажира свои лица во Македонија, формира клубови, вложува политички, дипломатски и финансиски средства.
Тезите за бугарскиот карактер на македонскиот јазик нашироко се афирмираат во бугарската лингвистичка литература и се препорачуваат и во светската славистика. Со такви тези во последниве години се објавени повеќе книги и студии во издание не само на Македонскиот научен институт туку и во издание на Институтот за бугарски јазик на БАН (Бугарската академија на науките).
Како прилог на погореизнесените факти може да се наведе и книгата на Славка Величкова под наслов „Тенденции во јазичната политика на Република Македонија“ издадена од БАН во 1991 година, во која се нуди список со околу 2.500 лексички позиции што треба да се исфрлат од речникот на македонскиот јазик. Бугарските лингвисти ги застапуваат таквите ставови на сите славистички собири, симпозиуми и конгреси. Негирањето на македонскиот јазик се манифестирало и во друга форма. Имено, на тие собири Бугарите ги напуштале дебатите кога се спомнувала автентичноста на македонскиот јазик, исто како што Грците напуштаат собири каде што стои името Македонија.
Лингвистите, историчарите и дел од политичарите во Бугарија оценуваат дека македонскиот јазик сѐ уште стои на слаби нозе и дека во политичките околности што владеат на Балканот нема светла иднина. Оттаму се надеваат дека преку политичко дејствување и преку други видови соработка и пријателство меѓу двете влади и држави може да дојде до таканаречена полна конвергенција или во извесна смисла реконвергенција на два јазика. Просто кажано тоа значи интеграција на еден јазик во друг. Уште попросто: македонскиот јазик да се интегрира во бугарскиот, односно да се врати таму кај што му припаѓал пред 1944 година, кога, според бугарската наука, е вештачки одвоен од својата мајка – Бугарија.
Кој може да знае што ќе се случува во иднина. Ако веќе историјата почна да се преповторува, тогаш не би било за чудење еден ден Бугарите повторно да ги пречекаме како ослободители и администратори во Македонија, со букети цвеќе на плоштадите, како во 1941 година. Тие го чекаат тоа, работат за таа цел. Не еднаш се случувало тоа што го планирале лингвистите да го спроведуваат политичарите или тоа што го планирале како стратегија политичарите, на почеток да го одработуваат лингвистите.
































