- Како ѕвездите да се наместиле во некоја повисока симболика, нашиот роденден се совпадна со Светската недела на медиумската и информациската писменост. Во таа коинциденција има порака што не смееме да ја превидиме. Во време кога информацијата е насекаде, вистината не е секогаш лесно достапна; кога секој
може да објавува, професионалното новинарство е поважно од кога било; кога светот забрзано се дигитализира, потребата од проверени факти, критичка мисла и одговорен јавен збор станува темелна општествена потреба. Во време кога светот ја слави медиумската писменост, да не дозволиме да замолчи гласот што осум децении ја бележи македонската историја
Денес, кога „Нова Македонија“ го слави својот 82. роденден, ние не славиме само годишнина на еден весник. Славиме 82 години македонски збор, 82 години паметење, 82 години сведоштво за едно опстојување што никогаш не било ниту лесно ниту саморазбирливо. Славиме еден од оние ретки континуитети во животот на една нација што не се мерат само со времето што поминало туку со историјата што успеале да ја зачуваат. И како да се наместиле ѕвездите во некоја повисока симболика, нашиот роденден се совпадна со Светската недела на медиумската и информациската писменост. Во таа коинциденција има порака што не смееме да ја превидиме. Во време кога информацијата е насекаде, вистината не е секогаш лесно достапна; кога секој може да објавува, професионалното новинарство е поважно од кога било; кога светот забрзано се дигитализира, потребата од проверени факти, критичка мисла и одговорен јавен збор станува темелна општествена потреба. Токму затоа, роденденот на „Нова Македонија“ не е само повод за свеченост. Тој е повод за соочување со едно суштинско прашање. Имено, каква држава надградуваме ако не знаеме како да ги зачуваме сопствената меморија, јавниот збор и институциите што го чуваат нашиот историски континуитет?
Кога на 29 октомври 1944 година излезе првиот број на „Нова Македонија“, Македонија штотуку ја започнуваше својата државна епопеја. Во едно време на историско создавање, кога државноста требаше да добие институционален облик, а јазикот и писмото да го потврдат својот полн јавен живот, весникот стана многу повеќе од медиум. Стана глас на една нова епоха и сведок на раѓањето на современата македонска држава. Од тогаш до денес, низ неговите страници поминуваше Македонија… Со своите историски победи и разочарувања, со изградбата и развојот, со надежите и заблудите, со кризите, премрежињата, политичките пресврти и националните искушенија. На тие страници се запишани лицата и настаните што ја обликувале државата, успесите на нејзините луѓе, културните дострели, спортските подвизи, секојдневните грижи и големите прашања на едно општество во постојана борба за своето место под сонцето.
„Нова Македонија“ не е само весник што известувал за историјата. Таа е дел од самата историска граѓа на Македонија. Таа е хроника на едно време, архива на личности и настани, документ за државното и националното созревање. Таа е учебник на македонскиот јазик во неговата жива, секојдневна употреба, сведоштво за силата на македонското писмо и за достоинството на македонскиот збор. На нејзините страници се втиснати реченици што ја надживеале својата актуелност, текстови што денес ги читаат историчари, истражувачи и генерации што сакаат да разберат не само што се случило туку и како сме размислувале, во што сме верувале и од што сме се плашеле. Затоа, „Нова Македонија“ е повеќе од медиумски бренд. Таа е национален светилник, институција на јавниот збор и сведок на едно историско опстојување. Таа е завет на генерациите што заминале и аманет за генерациите што доаѓаат.
Но ниту еден завет не се исполнува сам од себе. Ниту една традиција не е вечна само затоа што е долга. А ниту една институција, колку и да е значајна, не може да опстане ако општеството престане да ја препознава вредноста на нејзиното постоење. Денес, токму во годината кога со гордост го одбележуваме нашиот 82. роденден, печатеното новинарство се соочува со еден од најтешките предизвици во својата историја. Не станува збор само за намалени тиражи, променети читателски навики, конкуренција на дигиталните платформи или растечки трошоци за хартија, печатење и дистрибуција. Станува збор за прашањето дали ќе останат услови за опстанок на еден професионален, независен и одговорен дел од јавниот живот. Особено загрижува кога законските и институционалните решенија, и без намера директно да го загрозат новинарството, можат да произведат последици што ќе ја доведат во прашање неговата одржливост. Промената со која од 1 јануари 2027 година објавувањето огласи за вработување во јавниот сектор во дневниот печат престанува да биде општа обврска и станува избор на институциите е таков момент што бара сериозно преиспитување. Дигитализацијата е неопходна, но модернизацијата не смее да се претвори во еднонасочно укинување на постојните канали на јавна комуникација, без целосна процена на последиците. Не станува збор за тоа печатените медиуми да бараат привилегии. Станува збор за тоа државата да разбере дека медиумскиот плурализам, пристапот до информациите и зачувувањето на историската документација не се само приватна деловна грижа.
Тие се дел од јавниот интерес. Економската одржливост на професионалните медиуми не е прашање само на нивните сопственици и вработени туку и на општеството што има потреба од нив.
Дигиталното и печатеното не мора да бидат непријатели. Напротив, тие можат да се дополнуваат. Но интернет-објавата не е автоматски и трајна архива, ниту брзината е секогаш гаранција за провереност. Печатениот весник остава физичка трага со датум, содржина и контекст. Тој е документ што може да се чува, да се споредува и да се истражува долго откако ќе помине дневната актуелност. Државата што размислува за својата иднина мора да размислува и за тоа како ќе ја зачува својата минатост. Во развиените демократии, поддршката за медиумскиот плурализам се разгледува како прашање на јавен интерес, а не како милост кон медиумските издавачи. Зашто една демократија не е силна само кога нејзините институции функционираат туку и кога постојат плурални уредувачки политики на сериозни редакции што следат, преиспитуваат и се коректив за одговорност. Демократската зрелост се мери и според способноста да ги зачува различните извори на информирање, особено кога економските услови го загрозуваат нивниот опстанок.
Во Македонија, каде што јавниот простор често е изложен на политички притисоци, дезинформации и влијанија од различни центри на моќ, исчезнувањето на печатените весници би било многу повеќе од исчезнување на еден формат. Тоа би значело стеснување на просторот за истражување, аргументирана расправа, критичко преиспитување и за професионално документирање на процесите од највисок државен и национален интерес. Затоа, прашањето не е дали хартијата може да ја победи технологијата. Прашањето е дали технологијата ќе ја искористиме за да го прошириме пристапот до знаењето или како изговор да се откажеме од нешто што сè уште има незаменлива општествена вредност. Прашањето не е дали времињата се менуваат. Тие секогаш се менувале. Прашањето е дали во тие промени ќе го зачуваме она што нè прави информирано, свесно и одговорно општество.
И тука се враќаме на симболиката на нашиот роденден, совпаднат со Неделата на медиумската писменост. Медиумски писмен граѓанин не е само човек што знае да користи технологија. Тој е човек што знае да разликува факт од манипулација, аргумент од пропаганда, јавен интерес од нечии приватни интереси. За такво општество се потребни образовани читатели, одговорни новинари и медиуми што имаат услови да ја вршат својата работа професионално, слободно и истрајно. Нашата обврска е да продолжиме да прашуваме, да истражуваме, да анализираме, да документираме и да објавуваме. Да не се откажуваме од критичката мисла кога е најнепријатна, од вистината кога е најнепопуларна и од професионалните стандарди кога е најтешко да се опстои. Тоа е одговорноста што ја носи секоја редакција, но и историскиот аманет што го носи „Нова Македонија“. На нашиот 82. роденден не бараме минатото да ни биде гаранција за иднината. Бараме иднината да не биде лишена од можноста да го запознае минатото. Бараме да се разбере дека весникот не е само хартија со мастило туку секојдневно сведоштво за животот на една нација. И дека неговото зачувување не е носталгија, туку одговорност.
Зашто ако еден ден ги снема печатените весници, можеби нема веднаш да почувствуваме што сме изгубиле. Ќе продолжиме да читаме од екраните, да ги следиме вестите и да веруваме дека сè уште знаеме сè. Дури подоцна ќе сфатиме дека сме останале без дел од сопственото паметење, без дел од сопствената јавна совест, без страници на кои нашите деца и внуци ќе можат да го прочитаат времето во кое сме живееле. А кога ќе замолчи еден весник што 82 години го бележел пулсот на Македонија, не замолчува само една редакција. Замолчува дел од нејзиниот историски глас. И ако дозволиме да исчезне „Нова Македонија“, а со неа и другите печатени сведоци на нашето време, можеби дури тогаш ќе разбереме дека не сме затвориле само весници. Сме ампутирале дел од телото на нацијата и државата, дел што не може да се замени, да се пресади или повторно да се испечати. Затоа денес, на нашиот роденден, порачуваме: Македонија мора да има иднина што ќе ја памети сопствената историја. А „Нова Македонија“ ќе продолжи да ја брани таа иднина со она што го знае најдобро. Со печатениот збор, со фактите и со одговорноста пред читателите и пред времето.
Редакција „Нова Македонија“
































