Фото: Нова Македонија

Од полноќ бензините ќе се продаваат по пониски цени за пет денари по литар, додека дизелот останува со непроменета цена. Ова го предвидува најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,89 проценти.

Новите цени ќе важат од 27 октомври, од 00:01 часот.

Со одлуката, ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за пет денари и неговата нова цена ќе изнесува 91 денар за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 93 денари за литар, исто така со намалување од пет денари.

За разлика од бензините, цената на ЕУРОДИЗЕЛ не се менува и останува 99 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за половина денар и ќе чини 110 денари за литар. Кај мазутот, пак, има зголемување од 0,694 денари, со што новата цена ќе изнесува 54,273 денари за килограм.

Според образложението на РКЕ, намалувањето на цените е резултат на движењата на светските пазари на нафтени деривати и промената на курсот на денарот во однос на доларот.

Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините на светските берзи се намалени за 8,12 проценти, додека кај дизелот е забележан благ раст од 0,404 проценти. Цената на екстра лесното масло бележи намалување од 0,074 проценти, а мазутот поскапел за 2,06 проценти.

Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,3292 проценти.

При утврдувањето на новите цени, Регулаторната комисија ја применила и владината одлука за намалена стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот, како и намалената акциза од четири денари по литар за бензините и дизелот.

Од РКЕ појаснуваат дека станува збор за највисоки дозволени малопродажни цени, што значи дека бензинските пумпи можат да ги продаваат горивата и по пониски цени од утврдените.