Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, не може различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот и не може обвинувањето да стане факт само зашто сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација. Функцијата е привремена, одговорноста кон државата останува, а вистината не се утврдува со бројот на пишани критики и со цитати од „Вибер“, туку со силата на доказите, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, од собраниската говорница.
Пред пратениците кои ја разгледуваат Интерпелацијата за нејзиното работење, поднесена од Левица, Божиновска напомена дека ќе продолжи да носи одлуки во рамки на своите надлежности и да одговара за нив пред граѓаните и Собранието.
– Да се биде министер е одговорност и чест. Таа чест се оправдува со работа, со подготвеност одлуките да се носат пред граѓаните. Им благодарам на пратениците што ја поднесоа интерпелацијата, зашто ми дадоа можност целосно да ја претставам работата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Меѓутоа, ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на изнесените тврдења. Живеев, се образував и работев во Западна Европа. Затоа, ќе ми верувате кога ќе ви кажам дека сакам Македонија да биде држава во која министрите редовно даваат отчет пред Собранието, а опозицијата ја контролира власта. Демократијата добива вредност кога граѓаните можат да слушнат конкретно прашање и да добијат конкретен одговор. Сакам да ви порачам дека со внимание ќе ги следам вашите дискусии, дури и оние најпартиските и оние кои имаат цел да ме нападнат, за да извлечеме што подобри заклучоци, истакна Божиновска.
Таа праша дали расправата се води врз основа на акти и факти или врз основа на обвинувања во кои се мешаат ингеренциите на Владата, Министерството, ЕСМ, РКЕ и општините.
– Тоа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука. И денес и утре вратите на Министерството се отворени за вас како пратеници, зашто ја ценам демократијата, а вие ценете ја истата демократија со мерење на точноста на вашите искази. Уставот и законите не се политички пароли, туку се темелот врз кој мора да работи секој министер, секоја институција и секој пратеник. Може да не се согласувате со моите политики, може да ги критикувате моите одлуки, тоа е ваше демократско право. Но, јас ќе продолжам да работам, да носам одлуки во рамки на моите надлежности и да одговарам за нив – подвлече Божиновска.
Министерката ги претстави резултатите од досегашното двегодишно работење и одговори на обвинувањата за управувањето со енергетскиот сектор, цената на електричната енергија и користењето на минералните суровини. Ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки и да не ја прифатат интерпелацијата.
Во одговорот на обвинувањата, разграничувајќи ги ингеренциите, посочи дека одговара за енергетската политика, планирањето, сигурноста на снабдувањето, обновливите извори, енергетската ефикасност, рударството и минералните суровини, но дека Министерството не ги води оперативните набавки, комерцијалните договори и производството на ЕСМ. За тарифните одлуки ја нагласи независната улога на РКЕ и објасни дека МЕРМС не може да ѝ наложи каква тарифа да донесе.
– Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука – повтори Божиновска.
Посебно се осврна на постапката за избор на универзален снабдувач, наведувајќи дека одлуката за нејзино почнување е од 17 октомври 2023 година, комисијата е формирана на 7 ноември 2023 година, а аукцијата и владините заклучоци за изборот се од април 2024 година. Наспроти оваа хронологија, Министерството за енергетика е основано во јуни 2024 година.
– Како може да ми припишувате организација на постапка што почнала и завршила пред воопшто да постои Министерството? – праша Божиновска, додавајќи дека ниту ја водела комисијата ниту била министерка кога таа одлучувала.
Во однос на наводите за продажба на ЕСМ, министерката нагласи дека не постои одлука на Министерството за продажба на компанијата и побара тврдењата за распродажба да бидат поткрепени со конкретен акт и постапка.
Зборувајќи за цената на електричната енергија, Божиновска ја образложи политиката за заштита на домаќинствата од ценовни шокови. Според нејзиното обраќање, цената по која ЕСМ обезбедува енергија за универзалното снабдување е дел од јавната политика за достапност на струјата за граѓаните. Притоа ги разграничи производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа, нагласувајќи дека тие не смеат да се претставуваат како иста категорија. Повикувајќи се на доставените секторски податоци, наведе дека производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час.
Меѓу клучните резултати, министерката го издвои новиот Закон за енергетика. Според податоците што ги претстави, во собраниската постапка биле прифатени 64 од 74 поднесени амандмани, по јавни консултации и усогласување со Енергетската заедница. Таа посочи дека новата рамка ги уредува складирањето на енергија, енергетските заедници и поактивното учество на потрошувачите, а на компаниите им обезбедува појасни правила за инвестиции.
Божиновска се осврна и на Националниот план за енергија и клима за 2025-2030 година, кој содржи 61 мерка, како и на годишното планирање на новите енергетски објекти. За 2026 година го наведе планскиот опфат од околу 4.417 мегавати и 96 системи за складирање, со јасна ограда дека реализацијата зависи од понатамошните услови за приклучување, дозволите и спроведувањето на проектите.
Во делот за инфраструктурата, ги истакна конечната сертификација на МЕПСО во 2026 година, пуштањето во употреба на новиот трансформатор во Битола 2 и решавањето на долгогодишното прашање со запишувањето на објектите во сопственост на компанијата. Посочи и на продолжувањето на работата на интерконекцијата со Албанија и трафостаницата Охрид.
Развојот на гасната инфраструктура го претстави како можност за повеќе правци на снабдување и помала зависност од една врска. Ги издвои интерконекторот со Грција, договорот за македонскиот дел од поврзувањето со Србија, пристапувањето кон рамката на Вертикалниот гасен коридор и работата на можноста за поврзување со Косово. За интерконекторот со Грција наведе дека по новата тендерска постапка најниската понуда се намалила од 70,3 на 59,95 милиони евра.
– Овие се енергетските автопати на државата – порача Божиновска, истакнувајќи го нивното значење за индустријата, конкуренцијата во снабдувањето и идните транзитни услуги.
Во социјалниот дел од енергетската политика, министерката ги претстави мерките за домаќинствата што тешко ги покриваат трошоците за енергија. Наведе дека во програмата за 2025 година се издадени 3.750 ваучери од по 28.000 денари, во вкупна вредност од 105 милиони денари, а во програмата за 2026 година се реализирани 480 електронски ваучери. Годинашната мерка, според нејзиното обраќање, е насочена кон домаќинства со лица и деца со попреченост.
Божиновска го издвои и планот за енергетска обнова на 14 јавни објекти со околу 103.000 квадратни метри, во кои работат 33 институции. За праведната транзиција во Битола и Кичево посочи на 676 лица што завршиле програми за обука со ЕСМ и ЕБОР и на платформа со 84 проекти со проценет обем од околу 1,79 милијарди евра.
Во рударството, министерката ги претстави повисоките концесиски надоместоци и зголемената наплата како резултати од вреднувањето на државните ресурси. Според изнесените податоци, надоместокот кај металичните минерални суровини е зголемен од два на четири проценти, кај мермерот од еден на пет проценти, а кај соодветната категорија неметалични суровини од 11 на 30 денари по тон. Вкупната наплата, како што наведе, пораснала од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година.
Таа нагласи дека повисоката наплата не ја отстранува обврската да се постапува за секој заостанат долг. Во тој контекст посочи на 53 раскинати концесиски договори и на зајакнување на инспекцискиот капацитет со тројца дополнителни инспектори во 2026 година.
– Тоа е порака дека концесијата не е безусловно право и дека секоја обврска мора да се почитува – рече Божиновска.
Министерката ја поврза поддршката за инвестиции со заштитата на животната средина и финансиската одговорност на концесионерите. Посочи дека во новата законска рамка се предлага финансиско покритие од 100 проценти на проценетите трошоци според соодветниот план за рударскиот отпад и поврзаните обврски.
– Не сакаме загрозување на животната средина и не сакаме да нанесеме штета на населението и државата – порача Божиновска, дополнувајќи дека познавањето на геолошкиот потенцијал не претставува однапред дадена дозвола за отворање рудник.
Во обраќањето, министерката го истакна и резултатот од 100 проценти на МЕРМС во Индексот на активна транспарентност за 2026 година. Повтори дека Министерството останува отворено за пратениците и дека критиката треба да биде дел од демократската контрола, со одговорност за точноста на изнесените тврдења.
Според Левица, министерката Божиновска во својот досегашен двегодишен мандат докажа дека нема ниту стручен капацитет ниту политичка волја да застане во одбрана на државниот интерес, а нејзиното работење е директна закана за енергетската безбедност, финансискиот буџет и еколошкото здравје на Македонија. Интерпелацијата се поднесува поради констатирани неправилности во извршувањето на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите.
– Пратеничката група на Левица ја поднесува оваа интерпелација зашто Божиновска, како министер за енергетика, рударство и минерални суровини, постапувала нестручно, несовесно, неодговорно и спротивно на јавниот интерес, со што предизвика директна штета врз енергетскиот поредок. Од нејзиното стапување на функцијата манифестира системски пропусти, флагрантно кршење и заобиколување на законските обврски, потпишување штетни и неекономски договори, клиентелистичко фаворизирање на приватни субјекти за ископ и увоз на енергенси, пасивност пред финансиските и еколошките закани од рударските јаловишта, подготвување терен за тивка приватизација на државните енергетски претпријатија, како и целосна капитулација пред енергетските оператори на директна штета на стандардот на македонските граѓани – се наведува во Интерпелацијата.
Пратеникот Амар Мециновиќ, кој прв ја образложи Интерпелацијата, обвини дека Божиновска се крие зад своите овластувања и дека за две години од своето работење не постигнала никакви резултати. Според Мециновиќ, две години не е направено ништо за консолидирање на ЕСМ, која во вториот квартал од годинава бележи долг од 173,9 милиони евра или 17 милиони евра поголем од првиот квартал, ЕСМ дистрибуција должи 35,6 милиони евра, а компаниите од групацијата ЕВН имаат 109 милиони евра добивка.
– Министерството кое беше формирано со ветување дека ќе стави ред во енергетскиот систем, по две години не понуди решение за ниту еден од неговите клучни проблеми. Политичката одговорност на министерката не може да се сведе на формалните ингеренции на Министерството, туку подразбира предлагање политики, предупредување за системските ризици и координација во рамките на Владата. Очигледно е дека никогаш немало намера да се консолидира ЕСМ, зашто ВМРО-ДПМНЕ, како и сите влади претходно, го третираат како бунар без дно за богатење на нивните колеги и соработници – рече Мециновиќ.
Според него, паралелно со растот на долговите на државниот производител, приватните компании во електроенергетскиот систем остваруваат огромни профити.
– Компаниите од групацијата имаат оставено 109 милиони евра добивка во последните две години. Во нашиот електроенергетски систем, сите ризици се преземаат од државните капацитети, додека сите придобивки ги добива директно приватната ЕВН – истакна Мециновиќ.
Тој го отвори и прашањето зошто ЕСМ не е ставен во позиција да конкурира за универзален снабдувач, со оглед дека електричната енергија ја продава по 62 евра за мегават-час, додека на ЕВН му е оставена доминантната позиција во снабдувањето.
– Како е можно две години да немате никакви буџетски трансфери, никакви инјекции во ЕСМ? Единственото нешто што го правите е ЕСМ понатаму да се задолжува на финансискиот пазар. ЕСМ презема нови долгови без Владата и државата да развијат долгорочен план за финансирање на ЕСМ. На ЕВН му се дозволува целосен монопол над нашиот електроенергетски систем, а регулаторот не направи суштинска промена во однос на ветувањата дадени пред неговото екипирање со кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Ацо Ристов, поранешен градоначалник, е партиски функционер на чело на РКЕ. Вие, како ВМРО-ДПМНЕ, министерка за енергетика, ништо не зборувате за јавните институции, за долговите во кои тие тонат преку снабдување со електрична енергија од приватни фирми – обвини Мециновиќ.
Пратеникот посочи дека продолжува и практиката јавните институции да се снабдуваат од приватни снабдувачи на слободниот пазар, наместо државата да го искористи сопствениот производствен капацитет.
– Граѓаните треба да знаат дека продолжува статус квото, каде што државните институции се снабдуваат на слободен пазар од приватни снабдувачи кои се директно во врска со политичката каста во Република Македонија. Ние имаме приватни фирми, министерке, на бивши премиери, кои ги снабдуваат нашите институции – истакна Мециновиќ.
Се осврна и на ископот на јаглен и на „Чебрен и Галиште“. Оцени дека по две години од мандатот на оваа Влада нема реално поместување во однос на проектот.
– Веќе две години не зборувате за „Чебрен и Галиште“, две години нема никакво поместување. За две години, повторно, кога ќе дојдеме на избори, ќе ветувате исто, бесрамно, иако ништо немате направено за окрупнување на стратешките капацитети и базното производство во Република Македонија – порача Мециновиќ, пренесува МИА.
































