„Интерфест-Битола“
Заврши 35-от јубилеен „Интерфест-Битола“. Деветте дена, исполнети со возвишена музика и врвни уметнички настани, поминаа во еден здив. На свеченото отворање на 2 октомври, кога беше отворена и изложбата „Современа италијанска графика и цртеж“, врвните балетски уметници Наталија Трендафиловска-Гицев и Балаж Лочеи со ансамблот на Националната опера и балет, длабоко инспирирани од безвремената музика на Римски-Корсаков, со импресивна балетска уметност, преку говорот на телото, ја раскажаа бајковната приказна од „1.001 Ноќ“ – „Шехерезада“, во преполната сала на Центарот за култура во Битола. Тоа беше еден од врвовите на годинашниот јубилеен „Интерфест“. Прекрасната сала на Офицерскиот дом во следните вечери не можеше да ги прими сите заинтересирани љубители на класичната музика. Врвни уметници од светот и од Македонија приредија величествени концерти. Легендарниот пијанист Бруно Канино ја претстави италијанската музика со елеганција, рафинман и брио и ја донесе импресионистичката програмска музика на Дебиси со цело богатство на емоции и бои.
Кирил Рибарски на 4 октомври, придружуван од ансамблот „Макбрас“, маестрално го прослави својот 60-годишен јубилеј со дела од Орландо ди Ласо, до композицијата „Мими“ од Драган Ѓаконовски-Шпато, прикажувајќи феноменално владеење на инструментот преку кој изразуваше широк спектар на емоции, длабока чувствителност, убавина, совршенство на легатото и вртоглаво техничко брио. Тоа беше вечер за паметење. Италијанското „Дуо Рафаеле“ со младиот виртуоз на кларинет Никола Бертолини на 5 октомври прикажаа дела од Бах, Моцарт, преку музика од филм, до врвна современа музика посветена на нивното веќе етаблирано дуо. Истата вечер публиката можеше да се радува на успесите на младите македонски таленти од различните инструментални и вокални класи на Државното музичко училиште од Битола, со програма што покажа висок професионализам на наставниот кадар на институцијата.
На 6 октомври публиката можеше да ужива во театарската уметност преку делото на македонскиот книжевен бард Васил Иљоски – „Чорбаџи Теодос“. Инспиративната интерпретација на носителите на главните улоги, Живко Борисовски и Марија Стефановска, и даде печат на одличната претстава на ансамблот на реномираниот Битолски театар. Македонските виртуози од „Дуо Кировски“ одржаа извонреден концерт на 7 октомври. Виолината и виолата на Љубиша Кировски и пијаното на Маја Шутевска се огласија со прекрасни бои во акустичната сала на Офицерски дом, со голема изразност и длабоки емоции, од суптилност во кантилените до брио во алеграта во сонатите на Моцарт и Виетам, додека во македонските дела посветени на дуото од Д. Јордановски и Б. Илин, прозвучија препознатливи хармонии и ритми од македонскиот мелос. Концертот на пијано-дуото „Мел Бонис“ со програма под насов „Женски визии“ донесе интересна програма од жени композитори: С. Шаминаде, М. Бонис, М. Жаел, Ф. Менделсон. На програмата беа минијатури, валцери и суити со пиеси со програмски карактер, кои доловија романтична атмосфера. На 9 октомври имаше величествена вечер на француската музика со пијанистот од Париз Иг Леклер. Двете познати „Арабески“ и 12 прелудиуми од „Втората Книга“ на Клод Дебиси беа брилијантно изведени од пијанистот и музички теоретичар Иг Леклер.
Монументалното дело од Морис Равел, „Ноќниот Гаспар“, врв на пијанизмот, беше маестрално изведено, со длабоко понирање во апартните хармонии на делото во мрачните теми и во мистеријата на фантазмагоричните слики и сфери. Тоа беше уште еден од врвовите на фестивалот. На 10 октомври беше свеченото затворање со Националниот камерен оркестар на Битола под раководство на Владимир Димовски. Подвиг на Камерниот оркестар претставуваше изборот на програмата: да се понесе и претстави пред битолската публика генијалната Симфонија во Ге-мол бр. 40 од Волфганг Амадеус Моцарт.
Со ентузијазам и страст, диригентот и оркестарот ја поведоа публиката во убавините на музиката од друга вселена! И потоа, во вториот дел, Астор Пиацола со аргентинскиот темперамент и жарот на аргентинското танго ја презентираше композицијата „Четири годишни времиња“, инспириран од музиката на Антонио Вивалди. Извонредниот виолинист Емир Имеров е роден во Скопје, а од своето детство живее во Германија, каде што под раководство на руски виолински педагози ја усовршил својата изведувачка уметност. Тој донесе феноменална интерпретација со голем емотивен набој и бравурозна виолинска техника. Тоа беше уште еден од врвните концерти за паметење! Фестивалот „Интерфест-Битола“ го продолжува својот од во иднината. Фестивалот им организираше и две мајсторски школи на учениците од ДМУЦ, едната со Љубиша Кировски, УКИМ Скопје, за виолина, и другата со Иг Леклер од Универзитетот на Париз, за пијано.
Милица Шперовиќ-Рибарски, пијанистка, професорка, уметничка директорка на „Интерфест“
































