Цезар Аспиликуета
  • Курсот на ПФА вклучува сесии од истакнати личности, дизајнирани да им помогнат на студентите да разберат како функционираат различните области на фудбалската индустрија. Засега многумина остануваат фокусирани на играње фудбал. Но меѓу дипломците годинава може да има идни тренери, раководители и спортски директори што ќе влијаат на играта на различни начини, пишува „Би-би-си“

Сцената потсетува на церемонија на дипломирање во „Оксбриџ“, но оние што се собрани во капи и мантили се всушност фудбалери од англиската Премиер-лига или поранешни фудбалери што освоиле големи трофеи во Европа и низ целиот свет, а меѓу дипломираните студенти од Бизнис-школата на ПФА за 2026 година се играчот од средниот ред на Евертон, Кирнан Дјусбери-Хол, напаѓачот на Ковентри, Таиво Авонији, и мноштво познати личности, пишува „Би-би-си“. На настанот на стадионот „Емирати“ на Арсенал, Цезар Аспиликуета ѝ раскажува на групата како учењето утрото пред финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2021 година му помогнало да се оддалечи од настанот пред да го предводи Челси до победа со 1-0 на дуелот со Манчестер сити во Порто. Дјусбери-Хол (28) патувал со воз од Мерсисајд до Лондон за да присуствува на церемонијата и, и покрај тоа што е во најдобрата форма во својата кариера, објаснува зошто завршил постдипломски студии по глобално фудбалско спортско директорство.
– Се надевам дека ми останува уште долго време во фудбалот. Но, како личност, секогаш се обидувам да учам и да се развивам надвор од теренот. Не сакам да престанам да играм, а потоа само да седам и да не правам ништо. Ова беше нешто што навистина ме интересираше. Дали ќе го искористам во иднина, ќе видиме, но секогаш е добро да го правите сега наместо да чекате додека не завршите со играње. Ако некогаш дојде време кога ќе се појави можност, имам нешто што може да ми помогне – рече Дјусбери-Хол за „Би-би-си“.
Собраните играчи се потенцијални лидери во иднината на фудбалот. Авонији (29) се приклучи на Ковентри од Нотингем форест летово и останува дел од репрезентацијата на Нигерија во квалификациите за Африканскиот куп на нации во 2027 година. Напаѓачот исто така ги продолжи студиите во текот на целата играчка кариера.
– Имам диплома по бизнис-менаџмент и уште една диплома, па ова е мојата трета квалификација – вели тој.
Таткото на Авонији, Соломон, претходно зборуваше за неговиот строг пристап кон образованието, што понекогаш речиси го спречуваше неговиот син да продолжи кариера во фудбалот, но Авонији напредуваше од академијата во Ливерпул пред да се прослави во германскиот фудбал со Унион Берлин, пишува „Би-би-си“.
– Им велам на луѓето дека сум тивок сонувач. Секогаш чувствував дека образованието е важно. Тоа беше ветување што му го дадов на татко ми дека ако играм фудбал, ќе продолжам да учам. Тоа е она што го направив и горд сум на тоа. Фудбалот не е како работа од 9 до 17 часот. Влегуваме и понекогаш завршуваме доста рано и, иако е предизвикувачки, мислам дека секој фудбалер има време навечер за нешто како ова бизнис-училиште. Секако, бара многу од вас и сѐ зависи од тоа колку сте подготвени да го направите тоа – вели Авонији, пренесе „Би-би-си“.

Курсот е дизајниран да се одвива паралелно со фудбалската кариера. Семинарите се закажани за да се минимизираат судирите со натпреварите и со тренинзите. Играчите можат да учат во свое време, иако Дјусбери-Хол вели дека имал некои „чудни погледи“ додека учел на „ајпад“ за време на патувањата по гостувања. Секој дипломиран има различна приказна. За дефанзивецот на Викомб Вондерерс, Стив Кук, кој беше капитен на Борнмут во Премиер-лигата порано во својата кариера, курсот означи враќање кон формалното образование првпат од неговите училишни денови. Откако веќе доби тренерски дипломи, тој знае дека се приближува кон крајот на својата играчка кариера, пишува „Би-би-си“. Некои можеби нема активно да ја користат својата новостекната експертиза многу години. Сепак, сите ќе имаат корист на некаков начин, верува Аспиликуета.
– Не станува збор само за подготовка за животот по фудбалот. Станува збор и за тоа да станете подобра верзија од себе во вашата фудбалска кариера – изјави за „Би-би-си“ поранешниот шпански дефанзивец, кој се пензионира од играње на крајот од минатата сезона.
Образованието е дел од неговиот живот и е она што му помогна да стане лидер на теренот и надвор од него. Аспиликуета изгради кариера откако стана професионалец во локалниот клуб Осасуна на 17-годишна возраст. Тој продолжи да учи до тој момент и, откако стана професионален фудбалер, подоцна заврши магистратура по бизнис-администрација за време на деветгодишниот престој во Челси. Желбата да учи пред да го игра најголемиот натпревар во неговата клупска кариера, триумфот на Челси во финалето на Лигата на шампионите пред пет години, покажува како ги балансирал своите два интереса, пишува „Би-би-си“.
– Нормално, ќе дремнев по ручекот ако натпреварот беше подоцна во текот на денот, но тој ден тоа беше невозможно. Можевте да ги чуете навивачите и знаевте дека доаѓа голем натпревар. Учењето ми помогна и да се фокусирам и да се подобрам надвор од фудбалот – објаснува Аспиликуета
По завршувањето на играчките денови во Атлетико Мадрид и во Севилја, Аспиликуета вели дека нема да брза со својата следна улога. Курсот на ПФА вклучува сесии од истакнати личности, како што е извршниот директор на Брајтон, Пол Барбер, дизајнирани да им помогнат на студентите да разберат како функционираат различните области на фудбалската индустрија. Засега, многумина остануваат фокусирани на играње фудбал. Но меѓу дипломците годинава може да има идни тренери, раководители и спортски директори што ќе влијаат на играта на различни начини, пишува „Би-би-си“. Н.М.