ФУДБАЛ

  • Наградата е создадена од „Франс фудбал“ во 1956 година. Вечерва признанија ќе бидат доделени во неколку категории за мажи и за жени, и тоа „Златна топка“ за најдобрите фудбалери, потоа наградите за млад талент, голман, тренер, клуб и напаѓач, и наградата „Сократес“ за иницијативи за солидарност и општествени цели. Со изборот на Лондон како град домаќин му се оддава почит на првиот добитник на наградата, Англичанецот Стенли Метјуз, пишува УЕФА. Годинава публиката може да гласа и за својата „Златна топка на сите времиња“

Церемонијата за доделување на наградите „Златна топка“ за 2026 година вечерва (21 часот) првпат ќе се одржи во Лондон, при што најзначајната индивидуална награда во светот на фудбалот ја одбележува својата 70-годишнина, а со изборот на Лондон како град домаќин му се оддава почит на првиот добитник на наградата, Англичанецот Стенли Метјуз, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
„Златната топка“ е најпрестижната и најзначајна индивидуална награда во светот на фудбалот, создадена од „Франс фудбал“ во 1956 година, а годинава награди ќе бидат доделени во неколку категории за мажи и за жени, и тоа „Златна топка“ за најдобрите фудбалери, потоа наградите за млад талент, голман, тренер, клуб и за напаѓач, како и наградата „Сократес“, доделена од „Л`екип“ и „Мир и спорт“ за иницијативи за солидарност и општествени цели, пишува УЕФА.
Ова посакувано признание, воведено од списанието „Франс фудбал“, го освоија некои од најголемите фудбалери во историјата. Откако Метјуз ја доби првата награда пред 70 години, „Златната топка“ стана доказ за извонредната вештина, посветеност и влијание на легендите на играта и нивниот белег врз фудбалот, а од 2018 година „Златна топка“ ги наградува и достигнувањата на најдобрите фудбалерки, пишува УЕФА.

Секоја година за секоја постојна категорија се изработува оригинален трофеј и сите лауреати го задржуваат својот трофеј, пишува УЕФА. Така, и со оглед на тоа што Диего Марадона и Пеле беа наградени со почесни трофеи „Златна топка“ за целата нивна фудбалска кариера (бидејќи во тоа време не можеа да бидат кандидати за „Златна топка“), теоретски, низ целиот свет се во оптек 71 официјален трофеј „Златна топка“ за мажи и седум трофеи „Златна топка“ за жени, а сите лауреати можат да побараат и дополнителни официјални реплики од нивните трофеи, пишува Европската фудбалска унија. „Франс фудбал“ исто така чува два оригинални трофеја „Златна топка“ во своите канцеларии за изложбени цели.
Годинава публиката може да гласа и за својата „Златна топка на сите времиња“, пишува „Скај спорт“. Секој може да се најави на интернет-страницата на „Златната топка“ за да гласа за тоа кој претходен победник го смета за најдобар. Може да избере само еден од 10-те играчи што ја освоиле златната топка најмалку двапати, а тоа се Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Роналдо, Марко ван Бастен, Мишел Платини, Карл-Хајнц Румениге, Кевин Киген, Франц Бекенбауер, Јохан Кројф и Алфредо ди Стефано. Н.М.