Фото: Пиксабеј

Гласачките места во Србија се затворени во 20 часот, со што заврши редовниот тек на гласањето на парламентарните избори, но право на глас имаат и граѓаните кои во моментот на затворањето се затекнале на гласачкото место или непосредно пред него во ред за гласање.

Според податоците на Републичката изборна комисија (РИК), до 18 часот гласале 64,89 отсто од запишаните избирачи, што е за 12,96 процентни поени повеќе отколку на парламентарните избори во 2023 година, кога излезноста во истиот период изнесувала 51,93 отсто.

Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) објави проекција за излезност од 67,8 отсто до 19 часот, додека според проекциите на ЦеСИД и Ипсос, излезноста во истиот период изнесувала 67,6 отсто. ЦеСИД соопшти дека до 19 часот гласале 67,6 отсто од запишаните избирачи.

Според податоците на РИК, најголема излезност до 18 часот била регистрирана во Војводина, каде што гласале 66,90 отсто од избирачите. Во белградскиот регион излезноста изнесувала 65,67 отсто, во Шумадија и Западна Србија 64,53 отсто, а во Јужна и Источна Србија 62,01 отсто.

Овие податоци на прес-конференција ги соопшти директорот на Републичкиот завод за статистика, Бранко Јосиповиќ.

Според изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ до 19 часот гласале 67,6 отсто.

Доколку конечните резултати го потврдат трендот, излезноста би можела да го надмине досегашниот рекорд од 2008 година, кога на изборите во Србија гласале вкупно 61,35 отсто од запишаните избирачи, пренесува МИА.