Уставните измени ќе останат потсетник за, како што ја оцени, капитулантската политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, порача премиерот Христијан Мицкоски по Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора.
Тој нагласи дека Владата нема да отстапи од заштитата на македонските национални интереси, но ниту од стратешката цел на државата – членство во Европската Унија.
– Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата што се однесува на македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме од нашата стратешка цел, а тоа е да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме – изјави Мицкоски, пренесе МИА.
Според него, потребно е време за да се исправат последиците од одлуките на претходната влада. Тој реагираше на критиките од поранешни функционери на СДСМ за темпото на европската интеграција, наведувајќи дека сегашната влада наследила тежок товар.
– Вие бевте влада, ни оставивте тон тежок на грбот што ние треба сега да го носиме и да го исправаме. Тие очекуваат дека ние преку ноќ тоа што со децении било создавано, а тие го распродадоа преку ноќ, ќе го исправиме и ќе го вратиме во некој нормален тек. Тоа така не оди – рече премиерот.
Мицкоски посочи дека Владата останува посветена на европската интеграција, но дека пред евентуалните уставни измени треба да се постигне договор за Акцискиот план за малцинствата. Тој тврди дека 26 земји членки на ЕУ немаат забелешки, додека една земја членка има проблем со документот.
– Ајде ние со таа земја членка да седнеме и да договориме, да видиме да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како влада го очекуваме, а што е тоа што треба ние како влада да го испорачаме – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека Акцискиот план за малцинствата е предуслов за продолжување на преговарачкиот процес со Европската Унија.
Премиерот ги отфрли и критиките на опозицијата, обвинувајќи ги СДСМ и ДУИ дека во периодот кога биле на власт ја оштетиле и ја понижиле државата. Според него, за дел од последиците не може да се најде решение за краток период.
– Се бориме, упорни сме и ќе продолжиме да се бориме. Но сè она што тие го распродадоа, испокрадоа и уништија, ние за жал за овие 24-25 месеци не можеме да го повратиме – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека денеска Македонија е подобро место за живеење отколку пред три години, и покрај, како што рече, големата светска криза.
Мицкоски ја предводеше македонската делегација на Самитот на Берлинскиот процес, што се одржа во Свети Стефан, Црна Гора. На самитот се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија.
































