Премиерот Христијан Мицкоски очекува напредокот на земјава во спроведувањето на Реформската агенда наскоро да биде валоризиран и државата да добие можност да ги започне преговорите за членство во Европската Унија.
Ова го порача Мицкоски во изјава од Самитот на Берлинскиот процес, што денеска се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. Тој посочи дека на самитот биле испратени силни пораки за европската перспектива на Западен Балкан.
– Беше потврдена заложбата и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и тоа треба да се случи многу бргу. Она што за нас како држава е важно е фактот дека веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика со Европската Унија, дека сме многу напред во испораката кога станува збор за Реформската агенда и дека буквално сè што се бара од нас, а е поврзано со принципот напредокот да се оценува според испорачаното, ние го правиме и го испорачуваме – рече Мицкоски.
Тој изрази очекување постигнатото да биде признаено во блиска иднина, со што би се отворил патот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Мицкоски истакна и дека постепената интеграција на земјите од регионот во европските структури претставува можност, но нагласи дека таа не смее да биде замена за полноправното членство во Унијата.
– Постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија – подвлече премиерот.
Тој информираше дека остварил неколку билатерални средби на кои соговорниците ги запознал со состојбите во земјава. Осврнувајќи се на пошироките предизвици со кои се соочува светот, Мицкоски предупреди на последиците од енергетската криза, немирите во повеќе европски престолнини и војната во Украина.
– Живееме во атмосфера на тивка трета светска војна која ќе има големи предизвици врз човештвото – рече Мицкоски, додавајќи дека, според информациите што ги споделиле високи претставници на Европската Унија, следните две години ќе бидат исклучително тешки и предизвикувачки.
Поради тоа, тој нагласи дека е потребна внимателност во трошењето и одговорно управување со државата.
Претходно, Мицкоски учествуваше на работен ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот на својот профил на Фејсбук.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на самитот, на кој се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е завршен настан во рамки на црногорското претседавање со Берлинскиот процес. На него учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја потврди поддршката за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но истовремено порача дека владите во регионот треба да покажат политичка волја и да ги спроведат потребните реформи.
Мерц се заложи за побрзо приближување на регионот кон Унијата и најави лична поддршка за процесот, повикувајќи на засилени реформски напори.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа започната во 2014 година на иницијатива на Германија, под водство на тогашната канцеларка Ангела Меркел, со цел забрзување на евроинтеграцијата и продлабочување на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан.
































