Фото: Маја Јаневска Илиева

Европската Унија досега издвоила речиси 65 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија, а наскоро се очекува да бидат обезбедени дополнителни 40 милиони евра, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас. Тој нагласи дека ЕУ е силно посветена на членството на земјава во Унијата и дека регионалната поврзаност и безбедноста се особено важни во актуелната геополитичка ситуација.

Говорејќи на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, Рокас посочи дека поддршката за земјава опфаќа повеќе области – од одбраната и безбедноста до патната, железничката, енергетската и дигиталната инфраструктура.

– Преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност – изјави Рокас, пренесе МИА.

Според него, одговорот на ЕУ и на Владата на актуелните предизвици мора да биде сеопфатен, бидејќи економската стабилност, поврзаноста и безбедноста се меѓусебно поврзани.

Рокас потсети дека Европската Унија ја поддржува инфраструктурната поврзаност на Македонија од 2007 година преку различни финансиски инструменти.

Како што наведе, преку Инструментот за претпристапна помош биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а 750 милиони евра преку Планот за раст на ЕУ, кој во земјава се спроведува преку Реформската агенда.

Поддршката, според евроамбасадорот, не се однесува само на патиштата и железницата, туку и на енергетското и дигиталното поврзување, како и на техничката помош неопходна за спроведување на проектите.

Тој посочи дека вложувањата се важни и за Македонија и за Европската Унија, особено поради нарушувањата на синџирите на снабдување и нивното влијание врз регионалната економија.

– Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас – истакна Рокас.

Тој ги посочи Коридорот 8 и Коридорот 10 како важни транспортни правци за регионалното и европското поврзување, нагласувајќи дека прекините во синџирите на вредности можат да имаат последици далеку пошироки од местото каде што настанале.

Осврнувајќи се на глобалните случувања, Рокас оцени дека светот се соочува со голема неизвесност поради војните и конфликтите, кои ги нарушуваат трговијата и транспортните рути, ги зголемуваат цените и создаваат дополнителен притисок врз домаќинствата.

Тој ги спомена руската агресија врз Украина, конфликтите на Блискиот Исток и војните во Африка, вклучително и во Судан и Мали, посочувајќи дека нивните последици се чувствуваат и преку миграциските текови.

Според евроамбасадорот, мултилатералниот систем воспоставен по Втората светска војна со цел мирно решавање на конфликтите денес е сериозно ослабен.

– Земјите ширум светот, вклучително и европските, се соочуваат со тешкотии поради цените, а домаќинствата се под притисок – рече Рокас, додавајќи дека последиците од војните создаваат сложени предизвици за политичките лидери.

Тој оцени дека во вакви околности заедничката работа, регионалното поврзување и инвестициите во отпорноста се неопходни за зачувување на стабилноста и справување со идните кризи.