Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за европската интеграција на Западен Балкан и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес, што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. Тој порача дека Македонија одамна заслужила да биде дел од Европската Унија, но сè уште не може да ги започне пристапните преговори.
Пред почетокот на Самитот, Мицкоски истакна дека очекува суштински разговори за европската перспектива на регионот, при што посебно ја нагласи позицијата на Македонија.
– Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите – изјави Мицкоски, пренесе МИА.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне посветеноста на македонската Влада на реформската агенда и на процесот на европска интеграција.
Според премиерот, Владата ќе продолжи да работи во таа насока, со цел земјата да напредува кон членство во Унијата.
Мицкоски се осврна и на глобалните предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, конфликтот со Иран, нестабилноста на финансиските пазари и протестите низ Европа.
– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век – рече премиерот, нагласувајќи дека е неопходно да се најде начин за надминување на актуелните кризи.
Тој изрази надеж дека разговорите на Самитот ќе бидат суштински и ќе донесат конкретни резултати.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. На состанокот учествуваат лидерите од Западен Балкан, како и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во фокусот на разговорите се економското поврзување на регионот, безбедноста, конкурентноста, економскиот раст и забрзувањето на европската интеграција.
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес. Во рамките на програмата е предвидена и пленарна сесија на тема „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Црна Гора, покрај регионалната соработка и европската перспектива, како еден од приоритетите на своето претседавање ја постави зелената и одржлива транзиција.
Берлинскиот процес беше инициран во 2014 година од Германија, за време на мандатот на поранешната канцеларка Ангела Меркел, со цел да се зајакне регионалната соработка и да се забрза интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
































