Фото: ЕПА

Протестите во Тирана продолжуваат и денеска со собир пред албанскиот Парламент, каде за 10 часот е закажана пленарна седница. Демонстрантите најавија дека ќе се соберат во 9 часот и упатија повик до граѓаните да им се приклучат, пренесе МИА.

Синоќешниот протест, на кој учествуваше помал број млади луѓе, се одржа пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, наместо пред Парламентот, како во претходните денови. За време на собирот биле фрлени неколку молотови коктели, а била запалена и една столица.

Полицијата интервенирала со водени топови, по што демонстрантите се упатиле кон плоштадот „Скендербег“.

Минатата недела, поради немирите пред Парламентот, претседателот на законодавниот дом, Нико Пелеши, ја откажа пленарната седница.

Во меѓувреме, премиерот Еди Рама отпатува во Будва, каде што ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес. Во видеообраќање снимено за време на патувањето, тој порача дека е подготвен за дијалог со секој што смета дека неговите постапки се погрешни, но нагласи дека насилството ја загрозува слободата.

Рама рече дека полицијата била нападната со камења, оган и сачми, а во текот на протестите употребила солзавец, водени топови, а во некои случаи и пендреци и гумени куршуми.

Според него, бројот на повредени полицајци бил двојно поголем од бројот на повредени демонстранти. Тој ги отфрли обвинувањата за полициско насилство врз студентите, оценувајќи ги како неоправдани во услови кога, како што рече, повеќе полицајци отколку демонстранти биле повредени.

Рама истакна дека е подготвен да разговара за обврската преземена во 2018 година, но побара разговорот да се одвива лице в лице и врз основа на факти, а не на реторика.