Македонските Евреи можеа да избираат – партизани или Треблинка, тие што отидоа во партизанство преживеаја, за другите се „погрижи“ Бугарија

ЗА КНИГАТА „ПЕТОКРАКА И ШЕСТОКРАКА“

  • Македонија покажа голема волја да биде учесник во зачувувањето на општиот мир во светот. Тој центар служи и за борба против антисемитизмот и растечкиот нацизам во светот, особено во Европа. Центарот е амблем и икона на отпорот. Денес постои вистинска офанзива за негирање на холокаустот, а во тоа во голема мера на државно ниво се истакнува и Република Бугарија, која, за жал, прави сè за да докаже дека фашистичкиот режим во Втората светска војна нема никаква вина, иако извршил најмасовно организирано апсење, незапаметено во историјата на Евреите

„Кога отидовме во партизани, тоа не беше поради комунизмот, туку за борба против нацизмот“, велеше мајка ми, партизанката Жамила Колономос–Цвета. За неа партизаните беа светиња, свест кај секој човек дека треба да се бори против злото. „Кога отидов кај нив, никој не беше чул ни за Маркс ни за Енгелс, а камоли за (некојси) Хегел, Адам Смит или Сен Симон…, па требаше некој да им го претстави тоа и така брзо ме направија комесар“. Е па, ете, марксизмот можеби си заминува, но борбата за слобода се раѓа – за нас преку државата Македонија.
На 11 октомври оваа година е издадена книгата „Петокрака и шестокрака – Евреите од Македонија во НОВ“, издадена од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Одговорен уредник е Горан Садикарио, автор е Жаклина Мучева заедно со придружната изложба и колекција на фотографии и биографии, а стручен консултант е професор д-р Тодор Чепреганов. Да бидам искрен, во овој период на т.н. демократизација и транзиција, партизанството беше подзаборавено и мошне „украсено“ со рушење и крадење на партизанските споменици, бришење на зборот „фашизам“, па дури и на илинденските споменици – сетете се на запуштеноста и десакрацијата на „Македониумот“ и „Куќата на Македонија“. Македонството постои пред партизанството, но остварување ќе немаше без нив. Ако ги негирате партизаните, ја негирате Македонија! Не заборавајте го тоа! Партизанското движење не препознаваше етнички или верски проблеми, како што е сега етношизофренија, не без задна намера и надворешни инпутирања. А искрено да кажам дека порано забележував дека еврејските партизани често беа „подзаборавени“ во разни настани организирани во чест на сеќавање. Така еднаш ја прашав пријателката на мајка ми, народниот херој Фана Цветковиќ: „Тетка Фана, зошто во разни пригоди се споменува дека меѓу партизаните имало Албанци, Турци, Срби, Власи и други, а не се споменуваат Евреите“. Таа одговори: „Да така е, знаеш, ние Евреите ги сметавме за дел од нас Македонците и не сакајќи ги испуштавме… ние сме им многу благодарни на Евреите за нивниот придонес и имаме големи симпатии кон нив“. Така е, сите сме едно и имаме една заедничка држава, а често забораваме. Всушност, бугарските нацисти не ги заборавија Евреите – од една страна ги уапсија и депортираа во Треблинка, а од друга страна во нивната пропаганда велеле дека партизанштината е „еврејска пропаганда“.
На некој начин (малку различно од книгата) можеме да направиме едноставна поделба на македонските Евреи во 4 групи: 1) Оние што се депортирани во нацистичкиот логор Треблинка во Полска, што е близу до 99 отсто, а таму се ликвидирани стопроцентно. Се прашувам како ги дознаа прецизно имињата на сите Евреи? 2) Евреи партизани – практично оние што се прикажани во книгата и изложбата; 3) Евреи во партизанската илегала и 4) Евреи затвореници во затворите на бугарскиот окупатор. Во затворите беа Мориц Романо и Морис Шами до крајот на војната, а Роза Камхи-Русо успеа некако да избега. Низ лавиринтите на илегалата („отпишаните“) во Бугарија и Југославија се движеа д-р Аврам Садикарио, Сами Мизрахи, д-р Салвадор Леви и Исак Леви. Аврам и Салвадор најсетне се најдоа во концентрациониот логор кај Плевен – Бугарија, а беа ослободени од Црвената армија, наспроти тезата на Бугарија дека они биле спасители. Оние што беа во партизани плус во концентрациони логори или во разни заробеништва и што успеаја да се спасат се Хаим Садикарио, Сами Мизрахи, Алфред Меламед, како и банкарот Франк Морпурго, кој се спасил од Берген Белзен, а сараевскиот Евреин Бенјамин Самоковлија е судбеник, талкач од една на друга единица, од едно до друго заробување, како во филмовите. Хаим е основач на фирмата „Макошпед“, а Сами е висок службеник.

Пред триесетина години имаше една емисија на Радио Скопје за двајца Евреи, кои со неверојатни перипетии поминаа низ низа логори, заробеништва, разни единици и најсетне беа партизани како на некој холивудски филм – Пепи Сион и Сами Мизрахи – па сега замолувам да се најде лентата, која е многу важна. Пепи Сион по војната беше член на Филхармонијата во Скопје. Имаше и партизани пратени на Сремскиот фронт – Сами Садикарио (загинат на фронтот) и Виктор Пардо. Партизанка народен херој е Естреја Овадија, која загина во борбите. По војната многу од преживеаните Евреи станаа високи функционери на Македонија и Југославија – Колономос, Шами, Романо, Ваис, Хаим Садикарио, па економистите Леви и Сион на југословенско ниво. Голем број беа доктори професори и високи стручњаци меѓу кои – Таџер, Садикарио, Беркеш, Леви, Абраванел, Гинзберг, Блајер, Таубер, Пијаде, Сингер и други. Најголем дел од преживеаните Евреи отидоа во Израел каде што продолжија со борби до крајот на животот. Некои дури имаа и високи функции во армијата и безбедносните служби на Израел. Спомената е и докторката Елена Каваева–Етингер, која потекнува од Полска, но живеела во Охрид со нејзиниот маж, познатиот револуционер Владимир Каваев. Инаку, интересно е дека Елена Каваева во Русија била блиска пријателка со две спротивставени личности – Владимир Ленин (како кумашинка, а братот ѝ бил финансиер) и царицата Александра Феодорова, сопруга на царот Николај Втори и со мошне интересна биографија за која ќе зборуваме друг пат.
„Фашизам има во сите нас, во нашите глави секојдневно, љубов за моќ и порив за моќ…“, вели Делез. А Фуко вели дека моќта е дифузна, диспергирана, па затоа резистенцијата не е една. Тоа потсетува на спектар од разни партизани низ Југославија, па и Европа – едни кај нас, други во Франција, Полска, Италија, Русија, па и во Бугарија. Која е различноста меѓу „официјалните“ борци победници кај нас и другите како Кузман Јосифовски-Питу, Шарло, Кочо Рацин, Ченто, Шатев…? Фуко вели дека резистенцијата не е „пирамидна“ една горе, па надолу, што сепак не можеме овде да ја негираме пирамидата на Коминтерната. Отпорот е спротивност меѓу желбата и обврската. Фанатизмот е фашизам – колективно прифаќање на самонихилизмот. Евреинот е онтолошки клаустро-гетоизам. Бара отковување од гетото и слом на губилиштето. „Дури и при екстремна опресија (нацизам) човек задржува слобода на избор во реагирањето“, вели Сартр. Омразата е интелект (хомо сапиенс), а отпорот е инстинкт. Животното не напаѓа од омраза, туку од глад. Нашиот Евреин имаше два избора – партизани или Треблинка. Зошто е изборот асиметричен (речиси сите отидоа во Треблинка)? „Лош избор“ – велат мои роднини во Израел, па живеат во перманентен отпор. Да, да – отпорот е насилен. А што ќе одбереш во животот, да бидеш волк или овца? Одлучи однапред, навреме. Евреите не одлучија навреме, туку кога ги згази ужасот. И таа грешка ја платија фатално. Кога ќе букне антисемитизмот до сатарот – одлучи дали ќе бидеш војник или покојник.

Можеби најголемо повоено достигнување на преостанатите Евреи е изградба на Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој е познат во светот. Решивме да биде монументален. Зошто? Па решивме во овој налудничав свет да не бидеме „овци“ и „покојници“. Пред две години тој стана „Центар на холокаустот и мир“, со што Македонија покажа голема волја да биде учесник во зачувувањето на општиот мир во светот. Тој центар служи и за борба против антисемитизмот и растечкиот нацизам во светот, особено во Европа. Центарот е амблем и икона на отпорот. Денес постои вистинска офанзива за негирање на холокаустот, а во тоа во голема мера на државно ниво се истакнува и Република Бугарија, која, за жал, прави сè за да докаже дека фашистичкиот режим во Втората светска војна нема никаква вина, иако извршил најмасовно организирано апсење, незапаметено во историјата на Евреите.
Искрено, тука помагаа и наши душегрижни бугаризматични функционери и комисии.
Можеби слична книга треба Македонија да направи за сите партизани, па и за револуционери и бранители што придонесоа за создавање на македонската држава, без фрустрации и страв дека некој ќе се налути и ќе критикува. Па нека се лути. Стрвникот секогаш ќе вреска, што и да сторите. А покрај економијата една држава постои и поради гордост, а Македонија има обврска да се гордее. Патриотизмот треба и да се покаже, а не само да се каже. Војната заврши (можеби), но борбата против нацизмот и против сите екстремизми е перманентна – допрва почнува.

Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос