Брисел ја прогласи за подготвена приказна за успех, а потоа улицата потсети
дека корупцијата, незадоволството и институционалните слабости не
исчезнуваат само затоа што некој решил да ги стави во втор план во европски извештај. Денес иронијата е очигледна: државата што беше претставувана како доказ дека критериумите функционираат протестира токму поради прашањата за кои се тврдеше дека се надминати
Тешко е да се избегне заклучокот дека Брисел направи сериозна политичка и стратешка грешка. Наместо реално да ги процени состојбите, европската
бирократија повторно се обиде да создаде приказна што добро звучи на хартија. Наместо да ја следи реалноста, се обиде да ја моделира според сопствените потреби. Особено зашто Македонија со години слуша една иста лекција: дека Европската Унија никогаш не отстапува од критериумите. Дека нема кратенки, нема привилегирани и нема политички фаворити. Дека секој чекор мора да биде заслужен. Но дали навистина е така?
Постои стара анегдота за еден учител што требало да оцени двајца ученици. Едниот не го знаел материјалот, но учителот однапред решил дека тој е одличен ученик. Другиот го знаел целиот предмет, но му нашле забелешка за ракописот. На крајот првиот добил петка, а вториот останал на поправен. Кога родителите прашале како е можно тоа, учителот одговорил: „Не гледаме ние што знаат учениците, туку каква порака сакаме да испратиме“. Така и Брисел ја третираше Албанија. Ја прогласи за подготвена приказна за успех, а потоа улицата потсети дека корупцијата, незадоволството и институционалните слабости не исчезнуваат само затоа што некој решил да ги стави во втор план во европски извештај. Денес иронијата е очигледна: државата што беше претставувана како доказ дека критериумите функционираат протестира токму поради прашањата за кои во Брисел се тврдеше дека се надминати.
Кога Европската комисија и бриселската бирократија решија да ја одвојат Албанија од Македонија на патот кон Европската Унија, тоа беше претставено како триумф на европските критериуми. Албанија, ни објаснуваа, ги завршила домашните задачи. Македонија останала заглавена поради билатерални спорови и политички блокади. Така звучеше европската приказна.
Само што реалноста повторно се покажа како лоша вест за удобните бриселски процени. Додека европските функционери ја претставуваа Албанија како пример за успешен реформски ученик во Западен Балкан, на улиците на Тирана избувна незадоволство токму по прашањата за кои Брисел тврдеше дека се движат во вистинска насока. Корупцијата, клиентелизмот, злоупотребата на институциите и недовербата во власта останаа дел од албанската политичка реалност, без оглед на тоа колку оптимистички звучеа извештаите напишани во канцелариите на европските институции.
Иронијата е очигледна. Истите тие европски центри на моќ со години ја убедуваа Македонија дека критериумите се свети и дека не може да има попуштање околу владеењето на правото, институционалните реформи и борбата против корупцијата. Но кога дојде моментот да се направи политичка процена за Албанија, одеднаш се создаде впечаток дека одредени реалности можат да се игнорираат ако одговараат на пошироката геополитичка слика.
Брисел очигледно веруваше дека со административна одлука може да создаде успешна приказна. Дека ако Албанија се претстави како позитивен пример, тогаш навистина ќе стане позитивен пример. Но политиката не функционира така. Особено не на Балканот, каде што проблемите не исчезнуваат затоа што некој во извештај ги ставил во помала фуснота.
Уште поапсурдно е што Македонија беше казнета токму во момент кога Европската Унија тврдеше дека процесот на проширување повторно се темели на заслуги. Наместо да се испрати порака дека сите кандидати се оценуваат со исти аршини, беше испратен сигнал дека политичката потреба секогаш ќе биде поважна од принципот.
Резултатот денес е видлив. Албанија автоматски не стана европска приказна за успех затоа што Брисел така посакувал. Напротив, протестите и политичките тензии покажуваат дека суштинските проблеми не биле решени. Тие само биле привремено прикриени зад оптимистички формулации и дипломатски соопштенија.
Тоа е стариот проблем на европската бирократија. Наместо да ја чита реалноста, таа често се обидува да ја уредува според сопствените потреби. Наместо да признава дека некоја процена била погрешна, претпочита да глуми дека ситуацијата е под контрола додека фактите не станат прегласни за игнорирање.
Но најважната лекција од целиот случај е нешто друго. Македонија не беше оставена зад Албанија затоа што Брисел не отстапува од критериумите. Напротив. Денес гледаме дека Брисел многу лесно знае да замижи пред проблемите кога проценува дека тоа му одговара политички. Македонија беше блокирана затоа што Европската Унија не успеа да остане доследна на сопствените правила и дозволи критериумите да бидат заменети со политички импровизации.
А кога критериумите престануваат да важат еднакво за сите, тогаш проблемот веќе не е кај кандидатите. Тогаш проблемот е во самиот европски сојуз и во неговата способност да остане веродостоен пред оние што со години ги убедува дека вредностите се поважни од политиката. Само што, како што покажува случајот со Албанија, политиката во Брисел често победува токму тогаш кога најгласно се зборува за вредности.

































