Илустрација: „Нова Македонија“

Европа прогласува енергетска независност купувајќи руски природен гас?!

  • Милијарди евра од Европа за Русија, а санкции на хартија и… бриселска геополитика што ги става во заблуда европските граѓани. Што всушност прави Брисел? Има ли политички компас? Брисел се става самиот во една од оние политички ситуации во кои фактите навистина се непријатни и се разликуваат од официјалните декларации што Европската комисија ги лиферува во јавноста… И токму таква идентична „политика на два колосека“ Брисел води и за Западен Балкан во областа на европроширувањето

Додека Брисел претставува политики на енергетската независност од Русија и тоа го издвојува како еден од своите „стратешки приоритети“, европските пристаништа продолжуваат да примаат руски течен природен гас, и тоа во количества што ги надминуваат претходните бројки, рушејќи ги старите рекорди.

„Ургевалд“: ЕУ во првите девет месеци годинава платила
околу 7,88 милијарди евра за течен природен гас од рускиот арктички проект „Јамал“

Според истражувањето и анализата на „Ургевалд“ (германска непрофитна еколошка организација што се залага за заштита на животната средина и човековите права, основана во 1992 година), заснована врз податоците на компанијата за пазарни анализи „Кплер“, ЕУ во првите девет месеци од 2026 година платила околу 7,88 милијарди евра за течен природен гас од рускиот арктички проект „Јамал“. Во европските пристаништа пристигнале 12,18 милиони тони, што претставува раст од 9,5 отсто во споредба со истиот период минатата година. Бројките се доволно впечатливи сами по себе. Но нивното вистинско значење не е само во финансиската вредност на испораките туку во политичката противречност на Брисел што ја откриваат и политиките на „двоен колосек“ на Европската комисија, оние што ги декларираат и оние што ги практикуваат „под тепихот“.

Европски санкции што сега изгледаат како обичен блеф

Европската „стратегија“ за оддалечување од руските фосилни горива не дојде прекуноќ. По руско-украинскиот воен судир во 2022 година, рускиот гас стана инструмент на економско оддалечување на Европа од Москва и посредно вклучување на Брисел во воениот судир на страната на Киев. Забраната за увоз на руски течен природен гас врз основа на краткорочни договори почна да се применува на 25 април 2026 година, додека забраната за увоз според опфатените долгорочни договори треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година. Овој временски распоред, меѓутоа, создава парадокс. Европа веќе ја прогласи стратегиската цел, но на пазарот сè уште важат договори што ѝ овозможуваат да купува од Русија. Имено, европските купувачи продолжуваат да ги искористат постојните договорни можности пред целосното затворање на пазарот.

„Јамал“ – руски проект со европски купувачи

Арктичкиот проект „Јамал“, сместен на полуостровот Јамал во северозападен Сибир, е еден од клучните руски капацитети за производство на течен природен гас. Проектот го менаџира руската компанија „Новатек“, со учество и на други меѓународни инвеститори. За разлика од гасот што се испорачува преку гасоводи, течниот природен гас се лади до многу ниски температури, се транспортира со специјализирани танкери и повторно се претвора во гас во приемните терминали. Токму оваа технологија му овозможува на рускиот гас да стигне до далечни пазари, но истовремено создава сложена логистичка мрежа како бродови, пристаништа, терминали, транспортни компании и специјализирани услуги. Според „Ургевалд“, од јануари до септември годинава европските пристаништа примиле 167 пратки од „Јамал“, а Европа апсорбирала околу 85 отсто од евидентираните испораки на проектот.
Затоа, аргументите отвораат една крупна дилема што многу личи на политичка дволичност, лицемерство и т.н. политики на два колосека водени од страна на Брисел, како типична карактерна црта на бриселските либерални елити, кои се одразуваат и на Западен Балкан во делот од политиките на проширувањето.

Зад заедничките декларации на Брисел стои заштита на големите ЕУ-држави

Во европската енергетска политика често се зборува за единство, но зад заедничките декларации стојат силните носечки ЕУ-членки, нивните економии и деловни интереси.
– Франција е особено значајна во оваа приказна. Според податоците објавени од „Еуроњуз“, француските пристаништа примиле најголем дел од септемвриските испораки на руски арктички течен гас наменети за ЕУ.
Натаму, Холандија и Португалија, исто така, биле меѓу земјите што примале испораки од проектот. Сепак, аналитичарите со кои се консултиравме тврдат дека сето ова не значи дека секоја испорака автоматски претставува прекршување на санкциите.
И додека важат преодните правила и дозволените долгорочни договори, дел од трговијата сè уште е легален. Но легалноста не ја отстранува политичката дилема на непринципиелен Брисел! – вели нашиот соговорник.

Енергетската независност кон која се стреми ЕУ, всушност и создава уште поголема зависност

Алтернативните испораки, пред сè течниот природен гас од САД, како и гасот од Норвешка и други снабдувачи, бараат инфраструктура, долгорочни договори и финансиски ресурси. Европската комисија наведува дека уделот на рускиот гас во вкупниот увоз на гас во ЕУ се намалил од околу 41 отсто во 2021 година на приближно 6 отсто во 2025 година. Но диверзификацијата на изворите не е исто што и целосна енергетска автономија или, пак, независност. Промената на снабдувачот може да ги намали испораките од Москва, но истовремено да создаде нови зависности од глобалниот пазар на течен природен гас, поморските транспортни коридори и од одлуките на големите извозници.
– Во услови на геополитички тензии, нарушени поморски маршрути или зголемена побарувачка во Азија, европските купувачи можат повторно да се соочат со уште подрастично поскапување и конкуренција, и тоа за ограничени количества. Затоа вистинското прашање не е само кој го продава гасот, туку колку енергетски систем што зависи од увоз може да остане отпорен на политички и пазарни потреси. Да потсетам дека во јули 2026 година, „Ројтерс“ веќе известуваше за рекордни испораки од „Јамал“ во првата половина од годината, кога во европските пристаништа пристигнале 9,97 милиони тони руски течен гас, со проценета вредност од 5,96 милијарди евра. Подоцнежните податоци за деветмесечниот период покажуваат дека трендот продолжил. Тоа е предупредување дека санкциите не се мерат само според датумот на нивното усвојување туку и според тоа колку брзо и доследно се спроведуваат. Очигледно е дека нешто се прави „под жито“, па едно се информациите наменети за пошироката јавност, а друго е задоволувањето на сопствените интереси од страна на водечките европски држави. Тие го ставаат својот интерес секогаш, ама апсолутно секогаш, над интересите на другите, па дури и над пошироките европски интереси – вели наш соговорник, дипломат од кариера. Р.С.


Арктикот како нов фронт на геополитиката

Арктикот одамна не е само географска периферија. Топењето на мразот, пристапот до природни ресурси и развојот на поморските патишта го претвораат во простор на сè поизразена стратешка конкуренција. За Русија, арктичкиот течен гас е можност да ги искористи огромните резерви и да ги претвори во извозни приходи. За Европа, тој е енергент што може да помогне во снабдувањето, но и потенцијален извор на стратешка ранливост. Особено е значајна улогата на специјализираните танкери од класата „арк7“, конструирани за пловење во тешки арктички услови. Без нив и без придружните транспортни и сервисни услуги, извозот од „Јамал“ би бил значително потежок. Оттука произлегува и аргументот на „Ургевалд“ дека новите европски санкции треба да ги затворат преостанатите празнини во ограничувањата што се однесуваат на транспортот и одржувањето на оваа флота. Но секое дополнително ограничување бара внимателна процена. Дали ќе ја намали руската способност за извоз, дали товарите ќе бидат пренасочени кон други пазари и какви последици ќе има врз европските цени? Р.С.


Енергетската сметка што ја разбранува Европа

Русија заработила 320,7 милијарди долари од европските енергетски купувачи?!

  • Какви се резултатите од санкциската стратегија на ЕУ? Москва, според сопствените државни пресметки, тврди дека од почетокот на војната заработила 320,7 милијарди долари од европските енергетски купувачи. Од друга страна, Брисел излегува со значително пониска бројка. Но, сепак, сумите се фрапантни и јасно покажуваат колку ЕУ всушност троши руски енергенти, додека истовремено тврди дека нејзината стратегија на санкции кон Русија е високоефикасна

Европа се декларира дека сака да ја изолира Русија, но енергетската реалност открива колку бриселската декларација е далеку од фактичката состојба. И тврдењата на Кремљ и тврдењето на Брисел, иако се разликуваат, откриваат дека Европа продава „принципиелност“, а реално си ги гледа првенствено своите интереси и самата не се придржува на спроведување на санкциите.
1. Имено, рускиот вицепремиер Александар Новак тврди дека од 2022 година Европската Унија купила руски енергенти во вредност од неверојатни 320,7 милијарди долари. Според неговите наводи, само во првите девет месеци од 2026 година испораките достигнале 21,3 милијарда долари. Москва со тоа испраќа порака дека западните санкции не успеале целосно да го прекинат енергетскиот бизнис со Европа.
2. Од друга страна, Европската комисија, повикувајќи се на податоците на „Евростат“, наведува дека ЕУ од март 2022 до јули 2026 година увезла руски енергенти во вредност од околу 197 милијарди евра, односно 209 милијарди долари.
Разликата меѓу двете пресметки е огромна. Рускиот вицепремиер Новак не ја образложи детално методологијата врз која ја заснова својата сума, што дополнително го отвора прашањето за споредливоста на податоците. Сепак, суштината на приказната не е само во потрошените милијарди долари туку и во противречноста меѓу политиката и економијата на Брисел. Европските влади декларираат дека ја намалуваат зависноста од руските енергенти, а постојните договори и постојаните т.н. исклучоци од санкциите овозможуваат дел од трговијата да продолжи, откривајќи политичко лицемерство, кое стана основна нишка на политиките на актуелен Брисел. Прашањето што легитимно се поставува е – како да им се верува на врхушката на Брисел и на највисоките институции на ЕУ кога се отвораат сѐ повеќе примери на двојни политики?! Р.С.