Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на Регионалниот експертски состанок за зајакнување на прекуграничната кривично-правна соработка и заштита на странските жртви на трговија со луѓе, организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).
Во своето обраќање, Тошковски ја истакна важноста на меѓународната соработка и координираното дејствување на институциите во борбата против трговијата со луѓе, која ја оцени како еден од најсериозните облици на организиран криминал. Тој ѝ се заблагодари на УНОДЦ за организацијата на состанокот, нагласувајќи дека учеството на експерти и делегации од регионот и од Јужна Америка ја потврдува заедничката определба за заштита на жртвите, без оглед на националните и географските граници.
– Трговијата со луѓе, како глобално и општествено неприфатлив чин, не познава граници, ниту пак прави разлика меѓу луѓето врз основа на нивното потекло, припадност или убедувања. Оттаму, нашиот одговор мора да биде исто толку одлучен: организиран, сеопфатен и мултидисциплинарен – истакна Тошковски.
Министерот посочи дека, покрај традиционалните облици на експлоатација, криминалните мрежи развиваат и нови, сè посложени начини на злоупотреба. Посебно внимание посвети на ризиците од трудова и сексуална експлоатација, како и на ранливоста на странските државјани кои, во потрага по подобри економски можности, можат да станат жртви на трговија со луѓе.
Според Тошковски, Западен Балкан е регион на потекло, транзит и крајна дестинација за жртвите. Во Македонија, во последните години доминира внатрешната трговија со луѓе, иако се идентификуваат и странски жртви. Како особено ранливи групи ги посочи децата и лицата погодени од сиромаштија, дискриминација и семејно насилство, нагласувајќи дека институциите мора постојано да ги следат новите трендови и навремено да реагираат.
Осврнувајќи се на националните активности, Тошковски потсети дека Македонија од 2001 година континуирано ги развива институционалните механизми за борба против трговијата со луѓе, преку усогласување на законодавството и практиките со меѓународните стандарди и препораките на релевантните организации.
– Нашиот систем е поставен врз пет столба: превенција, кривичен прогон, заштита, реинтеграција и обесштетување на жртвите. Во фокусот на секоја наша мерка секогаш стои Човекот — жртвата чие достоинство мора да го вратиме – порача министерот.
Тој додаде дека трговијата со луѓе често останува скриена, а жртвите се невидливи за општеството. Поради тоа, како што нагласи, подигнувањето на јавната свест, едукацијата, навременото препознавање и пријавувањето се од суштинско значење.
Тошковски порача дека само преку силна институционална координација, меѓународна соработка и пристап што ги става правата и достоинството на жртвите во центарот може да се постигнат поефикасно спречување и откривање на трговијата со луѓе, кривичен прогон на сторителите и соодветна заштита на жртвите.
































