Фото: Пиксабеј

Полската воена полиција врши истрага на плажата во Карвија, во округот Пуцк, на брегот на Балтичкото Море, откако биле пронајдени фрагменти од засега неидентификуван летечки објект, соопштија полските воени власти.

Според информациите на приватната радиостаница „Ер Ем Еф“, случаен минувач забележал предмет што наликувал на дрон и веднаш ја известил полицијата. На местото на настанот пристигнале воени пиротехничари, како и претставници на други надлежни служби.

Полската воена полиција синоќа преку социјалната мрежа „Икс“ потврди дека е отворена истрага по откривањето на остатоците на 13 октомври 2026 година, околу 18.30 часот. Портпаролот на воената полиција, Дариуш Розкош, за телевизијата „ТВН24“ изјави дека засега не може со сигурност да се утврди за каков објект станува збор.

Инцидентот се случува во период на зголемена загриженост за безбедноста на источното крило на НАТО. Полска, која граничи со Украина, во изминатиот период е особено чувствителна на нарушувањата на воздушниот простор во регионот, поради стравувањата дека војната во Украина би можела да се прошири и на територијата на земјите членки на Алијансата.

Засега нема официјална потврда за потеклото на пронајдените фрагменти, ниту за тоа дали станува збор за беспилотно летало.