Венс ја открива американската сметка за крај на војната со Иран:
- Вашингтон не бара ново ветување од Техеран, туку мерлив доказ дека Иран е подготвен да се откаже од дел од својата „нуклеарна способност“. Но зад американското барање се појавува и посериозно прашање, а тоа е „со кого всушност Вашингтон преговара во Техеран“
Ако во изјавите на американската администрација досега можеше да се препознае простор за различни толкувања околу условите за прекин на војната со Иран, интервјуто на потпретседателот Џеј Ди Венс за „Ројтерс“ ја стеснува таа зона на неизвесност. Вашингтон има еден клучен услов. Имено, „Иран мора суштински да го намали својот капацитет за збогатување ураниум“!
Не станува збор само за политичко уверување дека Техеран нема намера да произведе нуклеарно оружје. Од Иран се очекува да направи конкретен чекор што ќе покаже дека таа намера има материјална потврда.
– Нема да разменуваме зборови за дела – е суштината на пораката на Венс преку „Ројтерс“.
Токму тука се наоѓа главната линија на американската позиција. За Вашингтон, прашањето веќе не е само што Иран ветува дека ќе направи во иднина, туку што е подготвен да престане да прави сега. Венс го поставува тоа преку едноставна логика: ако Иран навистина не сака нуклеарно оружје, тогаш зошто му е потребен ураниум збогатен до 60 проценти? Според американскиот потпретседател, Техеран би можел да ја покаже својата намера токму преку намалување на капацитетот за збогатување.
Не е доволно Иран да каже „не“
Ова е важната промена во американската преговарачка позиција. Вашингтон не сака уште еден договор заснован првенствено врз уверувања, гаранции и дипломатски формулации. Сака да види промена во самата нуклеарна инфраструктура и способност на Иран. Тоа, наедно, ја објаснува и тешкотијата со која се движат сегашните дипломатски контакти. САД и Иран во последните недели разменувале предлози за можен прекин на војната и повторно отворање на Ормускиот Теснец, една од најзначајните светски енергетски транспортни артерии. Но последниот ирански предлог бил одбиен од претседателот Доналд Трамп, кој наедно предупреди дека воените операции би можеле да се засилат по ноемвриските избори за Конгресот. Оттука, американската позиција во моментов изгледа како комбинација од две навидум спротивни пораки, а тоа се дека Вашингтон е отворен за договор, но не е подготвен да прифати договор што не произведува конкретна промена во иранската нуклеарна способност. Тоа е суштинската порака на Венс до Техеран, преку „Ројтерс“.
Вашингтон не знае кој го има последниот збор
Во интервјуто на потпретседателот Џеј Ди Венс за „Ројтерс“ има уште една подлабока порака. Имено, Венс отворено признава дека САД не се сигурни како функционира процесот на донесување одлуки во денешен Иран. Американците разговараат со претседателот Масуд Пезешкијан и со министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Но, според Венс, останува нејасно колкава реална моќ имаат тие во иранската политичка структура по убиството на врховниот лидер Али Хаменеи во американско-израелските напади на почетокот на војната. Ова е многу повеќе од техничка дипломатска дилема. Доколку Вашингтон не знае кој има овластување да донесе конечна одлука, тогаш секој евентуален договор носи и прашање за неговата одржливост. Со кого се преговара? Кој може да го спроведе договорот? И, можеби најважно, кој може да гарантира дека договорот нема да биде отфрлен од друга структура на моќ во Техеран?
– Не е сосема јасно како нивната земја носи одлуки – призна Венс. Од Иран стигна спротивен одговор. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, оцени дека проблемот не е во иранскиот систем на одлучување, туку во контрадикторните позиции и мешаните пораки што доаѓаат од американските функционери. Така, покрај нуклеарното прашање, на масата се појавува уште една пречка, а тоа е криза на доверба околу тоа кој навистина може да преземе обврска во име на Иран.
Ормускиот Теснец како „клучен лост“
Во меѓувреме, војната продолжува да има ефект далеку над границите на Блискиот Исток. Ормускиот Теснец стана една од главните точки на притисок. Иранските сили повремено успеваат да нападнат комерцијални бродови, но Венс тврди дека во голема мера не се способни целосно да го спречат извозот на енергенти преку теснецот. Токму затоа Ормуз не е само воено прашање. Тој е и економско оружје. Секое нарушување на поморскиот сообраќај веднаш се прелева врз цените на енергентите, инфлацијата и трошоците за живот – прво во Европа и Азија, а потоа и во САД. И тука конфликтот почнува да ја менува природата. Од регионална војна околу иранската нуклеарна програма, тој постепено станува глобален економски проблем.
Војната веќе е и изборно прашање?!
За администрацијата на Трамп, војната има уште една димензија. Војната, според податоците што ги пренесува „Ројтерс“, ја чини американската влада околу три милијарди долари месечно. Истовремено, повисоките цени на енергентите создаваат политички притисок врз републиканците во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот.
Токму затоа настапот на Венс во Алјаска е интересен и од друга перспектива. Тој таму не настапува само како човек задолжен за дипломатските напори околу Иран. Тој настапува и како еден од главните политички претставници на администрацијата во изборна кампања во која цената на енергијата и трошоците за живот стануваат централни теми. Тоа ја создава двојната политичка математика на Белата куќа. Имено, војната треба да заврши, но не смее да заврши со впечаток дека Вашингтон попуштил; Иран треба да биде натеран на отстапки, но конфликтот не смее да стане толку скап што ќе почне да го загрозува републиканското мнозинство во Конгресот. За Венс, ова е особено чувствително. Тој веќе се профилира како еден од најважните луѓе во американските напори за завршување на конфликтот, а истовремено се смета и за еден од можните наследници на Трамп во Белата куќа. Во интервјуто, сепак, тој вели дека тој „сè уште не одлучил дали ќе се кандидира за претседател во 2028 година“.
Дипломатски прозорец, но не и излез
Од интервјуто на потпретседателот Џеј Ди Венс за „Ројтерс“ може да се извлече една мошне јасна слика, а тоа е дека Вашингтон не ја затвора дипломатската врата кон Техеран. Напротив, разговорите продолжуваат. Но американската администрација сака евентуалниот договор да биде резултат на иранско отстапување, а не само на ново политичко ветување. Тоа значи дека централното прашање повеќе не е дали САД и Иран можат да постигнат договор. Теоретски, можат, но сега прашањето е, според Венс, што Иран е подготвен да даде за да заврши војната – и дали структурата на власт во Техеран е доволно стабилна за да го спроведе тоа што ќе биде договорено?
Од другата страна, Вашингтон мора да одговори на сопствената дилема. Имено, „колку долго може да продолжи војната без да стане економски и политички поскапа од придобивките што администрацијата очекува да ги добие“?
Токму затоа изјавата на Венс дека САД „нема да разменуваат зборови за дела“ е повеќе од дипломатска порака до Иран. Таа е и порака до американската јавност, до сојузниците и до пазарите. Вашингтон сака да покаже дека има услови под кои војната може да заврши. Но, истовремено, сака да покаже дека „одлуката за мир нема да биде донесена само поради замор од војната“, туку патот кон прекин на конфликтот минува низ иранското „збогатување“, поточно „збогување“ со ураниумот. Р.С.
































