Американскиот претседател Доналд Трамп не покажа подготвеност да изврши поголем притисок врз Русија поради војната во Украина, туку оцени дека Киев треба да направи повеќе за да се постигне договор.
На новинарско прашање за продолжените руски напади врз украинските енергетски објекти, и покрај прекинот на огнот што тој го објави, Трамп рече дека ќе треба да ја разгледа ситуацијата.
– Ќе треба да го разгледам тоа и да видам, бидејќи имаше прекршувања од двете страни – рече Трамп.
Коментираше како планира да го убеди рускиот претседател Владимир Путин „да го почитува прекинот на нападите врз енергетската инфраструктура“.
– Мислам дека она што се случува е дека тој сака да постигне договор, а ние мора да го натераме Зеленски да побара да се постигне договор.
На дополнително прашање зошто верува дека Путин е заинтересиран за договор и покрај продолжувањето на руските напади врз Украина, Трамп повторно се воздржа од директна критика кон Кремљ, пренесе ДПА.
– Мислам дека ќе созреат условите за договор. Всушност, мислам дека Путин сака да постигне договор повеќе од Зеленски – рече американскиот претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ги повика САД да обезбедат почитување на прекинот на нападите врз енергетските објекти што го објави Трамп.
– Очекуваме да видиме какви конкретни чекори се подготвени да преземат Американците – рече Зеленски во видеообраќање на Варшавскиот безбедносен форум.
Зеленски рече дека Украина била изненадена од објавата на Трамп на социјалните мрежи дека Русија и Украина веднаш ќе ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура.
– Веднаш по објавата Русија изврши целосен напад врз електроцентрала во Харков, предизвикувајќи дополнителна штета на нашиот енергетски систем – рече Зеленски.
Украинскиот претседател нагласи дека Киев е подготвен да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура доколку Русија го стори истото. Тој додаде дека украинските сили во текот на ноќта се воздржале од напади врз руските рафинерии како одговор на објавата на Трамп.
Сепак, според Зеленски, руските сили вчера наутро продолжиле со нападите врз Киев, вклучително и со нови дронови на млазен погон.
– Засега тоа е одговорот на Путин до Трамп: руски напади. Но, чекаме да ги добиеме деталите од разговорите меѓу Американците и Русите – изјави Зеленски.
Русија не потврди дека се согласила со прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека разговорите продолжуваат, но нагласи дека Москва не сака привремен прекин на огнот, туку долгорочен мировен договор.
Трамп во изминатите денови во повеќе наврати предизвика негодување во Украина. По телефонскиот разговор со Путин, тој сугерираше дека Украинците треба да изберат нов претседател што би можел да постигне договор и објави договор за испорака на големи количества дизел-гориво од Русија.
Потегот предизвика остри критики од европските сојузници, но и во САД. Шест американски сенатори, меѓу кои и четворица републиканци, побараа администрацијата веднаш да се откаже од договорот за рускиот дизел.
Сенаторите оценија дека администрацијата не го консултирала Конгресот и не доставила образложение за договорот, како што налага законот. Тие предупредија дека САД не треба да му обезбедуваат финансиска поддршка на Путин додека продолжуваат руските напади врз Украина.
































