Фото: ЕПА / Архива

Околу 200 средни училишта во Франција денеска нема да работат поради новиот бран протести на средношколците, кои трета недела бараат подобри услови за образование.
Францускиот министер за национално образование Едуар Жефре за радиото „Франс интер“ изјави дека бројот на блокирани и затворени училишта се намалува во споредба со претходните недели. Дел од нив, како што објасни, превентивно се затворени затоа што се наоѓаат на маршрутите на најавените демонстрации и постои опасност од оштетување на објектите.

Денешната мобилизација, означена како „Чин V“, следува по неколку масовни протести низ земјата. Според француското Министерство за внатрешни работи, на 8 октомври на улиците излегле 71.500 луѓе, а два дена претходно биле регистрирани околу 266.000 демонстранти. Организаторите, пак, тврдеа дека на протестот на 6 октомври учествувале околу 450.000 лица, објави „Монд“.

Средношколците бараат поголеми вложувања во образованието, вработување наставници што ќе ги заменуваат отсутните професори, обнова на дотраените училишни објекти и растоварување на преобемните наставни распореди. Меѓу нивните главни барања е и укинувањето на системот „Паркурсуп“, преку кој се врши приемот во високото образование.
Демонстрации се најавени во Париз, Лион, Марсеј, Лил, Поатје, Рен, Тулуз и Бордо. Парискиот марш треба да почне на плоштадот Италија и да заврши кај комплексот Инвалиди, во близина на седиштето на Владата и на Министерството за образование, пренесе Франс прес.

Поддршка за средношколците изразија и шест синдикати на вработените во образованието, кои повикаа на штрајк. Тие оценија дека барањата на учениците се оправдани и дека Владата сè уште не понудила соодветен одговор на проблемите во училиштата.
Од рано утринава биле блокирани и неколку средни училишта и универзитети во Париз. Според Франс прес, учениците и студентите извикувале антифашистички пароли и повикувале на продолжување на протестите.

Француската влада очекува мобилизацијата да ослабне со почетокот на есенскиот распуст за Денот на сите светци. Учесниците во протестите, меѓутоа, најавуваат дека ќе продолжат со блокадите сè додека не добијат поконкретен одговор на своите барања.