Европската Унија би можела да се соочи со недостиг од дури 14 милијарди кубни метри природен гас во текот на претстојната зима, што одговара на околу седум проценти од вкупната побарувачка на блокот. Оваа количина е доволна за снабдување на меѓу 10 и 12 милиони домаќинства, предупредуваат Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) и Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSOG).
Како што објави „Политико“, недостигот би можел дополнително да ги зголеми сметките за енергија и да ги принуди европските земји да воведат мерки за ограничување на потрошувачката, доколку ЕУ не успее да обезбеди дополнителни количини на глобалниот пазар. Ситуацијата е дополнително отежната поради војната во Иран и прекините во снабдувањето со енергенси.
Резервите на природен гас во ЕУ се намалени на нешто над 70 проценти од вкупниот капацитет, што претставува најниско ниво за овој период од годината откако започнале евиденциите во 2011 година.
Според извештајот на IEEFA, високите цени ги поттикнале трговците во текот на летото да продаваат гас наместо да го складираат за претстојната грејна сезона.
Можностите за обезбедување дополнителни количини се ограничени, додека цените на природниот гас се на највисоко ниво во речиси четири години. Војната на Блискиот Исток дополнително го отежнува снабдувањето и ја зголемува неизвесноста на глобалниот пазар.
Сепак, потенцијалниот недостиг не значи дека Европа нужно ќе остане без гас. Предупредувањата укажуваат дека расположливите резерви би можеле да бидат за околу седум милијарди кубни метри помали од потребното ниво.
Во такви услови, европските земји би биле принудени да купуваат дополнителен гас по високи цени на нестабилниот меѓународен пазар или да ја ограничат потрошувачката доколку не успеат да обезбедат нови количини.
За резервите да достигнат 30 проценти од капацитетот до крајот на зимата и да се намали ризикот од евентуални нови студени бранови, земјите во Европа ќе мора да ја намалат потрошувачката или да обезбедат дополнителни количини еквивалентни на околу седум проценти од побарувачката, се наведува во извештајот.
































