Бројот на патници на двата македонски аеродроми до крајот на годинава се очекува да достигне околу четири милиони, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.
Според него, растот во воздушниот сообраќај е значително поголем од првичните очекувања, што, како што посочи, се должи на новата политика на субвенционирање на авиолиниите.
-Кога бев избран, мислев дека ако стигнеме до бројка од 3,5 милиони патници на двата аеродроми до крајот на мандатот, дека ќе бидам презадоволен, но веќе оваа година ќе имаме околу 4 милиони патници на Скопскиот и Охридскиот заедно. Скопје очекувам да биде некаде околу 3,6 милиони патници, а Охрид од 350 до 400.000 патници – рече Николоски во поткастот „Каде се парите“.
Како една од причините за значителниот раст во изминатите две години, министерот ја посочи политиката на субвенционирање на авиолиниите.
-Овој енормен раст во 2025 и 2026 година е директен резултат на новата политика на субвенционирање која што ја воведовме. Ние воведовме политика на субвенционирање по патник на доаѓање, која што ја нема ниту еден аеродром во регионот – истакна Николоски.
За споредба, тој посочи дека пред две години, кога актуелната Влада стапила на функција, бројот на патници на двата аеродроми изнесувал околу 2,4 милиони.
Во однос на шпекулациите за укинување на одредени авиолинии, Николоски посочи дека треба да се има предвид оти авиосообраќајот функционира според летен и зимски ред на летање. Оттука, дел од линиите се достапни само во определен период од годината.
































