Растот на авиосообраќајот во земјава е резултат на политиката на субвенционирање, која беше креирана во 2024, а почна да се применува во 2025 година, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој посочи дека бројот на патници на двата македонски аеродроми постојано расте. Во јули, во споредба со истиот месец лани, сообраќајот бил зголемен за 21 процент, додека во август растот достигнал 31 процент.
– Секој месец соборуваме рекорди – рече Николоски.
Според него, кога актуелната Влада го започнала мандатот, двата аеродроми заедно имале годишна фреквенција од околу 2,4 милиони патници. Првичната проценка била до крајот на првиот мандат бројката да достигне 3,2 до 3,3 милиони, но таа граница е надмината значително порано.
Николоски очекува годинава бројот на патници да достигне околу 4 милиони.
– Држава со 1,8 милиони жители има 4 милиони патници на двата аеродроми – истакна тој.
Вицепремиерот посочи и дека Македонија со керозин го снабдува приштинскиот аеродром, како и значителен дел од потребите на нишкиот аеродром.
Во однос на Скопскиот аеродром, Николоски истакна дека тој е третата најголема база на „Визер“, а авиокомпанијата на скопскиот аеродром користи нови авиони „Ербас А321 нео“, кои, според него, се поеколошки и трошат помалку гориво.
Значителен раст, според Николоски, бележи и Охридскиот аеродром. Тој најави можност „Визер“ да ја прошири својата база и во Охрид со уште еден авион.
Николоски посочи дека според концесискиот договор, до 2030 година Охридскиот аеродром требало да достигне 130.000 патници. Сепак, очекувањата се дека годинава бројката ќе достигне меѓу 350.000 и 400.000 патници, со многу голема шанса Охрид ќе го замени нишкиот аеродром..
Тој најави и дека се прецизира отворањето на директната авиолинија Скопје–Дубаи.
Според Николоски, линијата би имала значење и за бизнисот и за туризмот, особено поради зголеменото присуство на европски компании во Обединетите Арапски Емирати и очекуваниот раст на бројот на туристи од регионот на Заливот.
– Дубаи е одлична дестинација – оцени Николоски, додавајќи дека директната линија би била значајна и за македонските производители.






























