Премиера на „Животинска фарма“ во прилепскиот театар
Театарот „Војдан Чернодрински“ вчера и денеска, во два термина, на камерната сцена во ЦК „Марко Цепенков“ премиерно ја изведува претставата „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани. Раководителот на театарот Михајло Миленкоски вели дека „Животинска фарма“ е едно од најпоставуваните дела во светот, дело што ги спојува ансамблот на театарот и режисерот.
– Создадовме прекрасна претстава, која е четврта премиера годинава – истакна Миленкоски.
Режисерот Ќендрим Ријани, посочува дека благодарение на ансамблот од театарот стигнале до добра премиера.
– Направив претстава каде што се изјаснив за сите мои прашања и одговори, кои публиката ќе ги добие преку еден концепт што дава одговор зошто театарот е важен и зошто е неопходен. Ваква претстава можеше да се реализира само во прилепски театар, ансамбл што остана без театар. По премиерата ќе се кажува дека само во прилепски театар можеше да се игра толку добро. „Животинска фарма“ е еден од најдраматизираните текстови во светот. Докажано е дека за хранење на нашите души и ум, можеби театарот е поважен од ветерниците. Орвел е толкав генијалец што направил ремек- дело, кое можат да го разберат од шест до стогодишни луѓе. Сѐ што се говори во претставата е актуелно. Во претставата главна тема ни е уметноста. Се зборува за сите линии, за секоја пора во општеството. Претставата има можност да стане „огледало“ за сите професии, за сите маки, за сите недостигнати целини што луѓето се трудат да ги стигнат – рече режисерот Ријани.
Според драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, безброј пати низ човековата историја се покажало дека дури и најблагородните идеи не успеваат да стигнат до својот зенит кога се поткопани од желбата за моќ и контрола, од лични интереси или, едноставно, од малодушност. Токму така и пропаѓаат. Во тие случаи вистината станува еластична, фактите се предмет на интерпретација, а политичкиот јазик е неопходно средство, бидејќи – како што вели Орвел – тој е така создаден што прави лагите да звучат како вистина.
– Адаптацијата на култното дело „Животинска фарма“ ја пренесува Орвеловата приказна во нашиот контекст и се занимава со механизмите на моќта што го деформираат општеството. Иако некои имиња и околности се променети, системот е добро познат: заедницата повторно верува во оној што зборува најгласно, ветува најмногу и тврди дека дејствува „за наше добро“. Трагедијата е во неспособноста на животните да ја препознаат манипулацијата што се одвива пред нивните очи. Нивната доверба, лојалност и верба во подобра иднина – вредностите што некогаш ги обединиле и им давале надеж – стануваат синџири што ги држат во покорност. Набљудувајќи го сето тоа однадвор, се прашуваме: Зошто не гледаат? Како сè уште паѓаат на истите измами? Ние сакаме да веруваме дека сме поинакви, дека сме единствениот интелигентен вид на планетата, способен за логика, разум и самосвест. А сепак, кога ќе се соочиме со најочигледните замки, се однесуваме токму како животните на фарма. Затоа „Животинска фарма“ и понатаму останува моќна критика на тоталитаризмот, како и силно предупредување за кревкоста на слободата и еднаквоста – вели Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Папучевска, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.
Во претставата играат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.
Ова е четврта премиера во театарот „Војдан Чернодрински“ за 2026 година и е дел од годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам.Ка.М.































