Европа може да ги менува правилата, но не и идентитетите

Комесарката за проширување Марта Кос завчера во Брисел го обелодени планот како да се дисциплинираат идните членки на Унијата, односно како да остане затворена вратата за „тројанските коњи“ што некој балкански Одисеј сака да им ги подметне на Европејците.
Затоа ЕУ сега повторно ги менува правилата и со идните проширувања, ако воопшто дојдат, сака да си обезбеди „полиса за осигурување“ со заштитни клаузули, можност за суспендирање финансии, ограничување на правото на глас и со идеја новите членки да не можат извесен период да го користат ветото за блокирање на идните проширувања.
Сето тоа може да се разбере, Унијата сака да се заштити од сценариото во кое една земја, откако ќе влезе во ЕУ, ќе ги заборави обврските што ги презела пред членството. Ако се бара владеење на правото пред влезот, логично е тоа да не престане да биде важно бидејќи самото општество бара правна држава и сигурност.
Не е лоша ниту идејата за постепена интеграција, па наместо кандидатите со години да чекаат пред затворената врата, како Македонија на пример, одредени европски политики и придобивки би можеле да им бидат достапни уште пред полноправното членство. Тоа го сакаат граѓаните, да видат барем некакво фајде од таа Европа за која овдешниве политичари со децении им трубат, но никако нешто да се помрдне.
Сега ова што го предлага ЕУ за Македонија може да биде сериозна можност ако доблесно се почитува од сите, иако досегашните искуства го говорат спротивното. Џабе сите клаузули и декларации ако европската интеграција нема повторно да биде претворена во механизам за решавање нечии историски, јазични и идентитетски агенди напикани по разни протоколи во нашава преговарачка рамка.
Впрочем, нашата стратешка определба кон Европа беше не само како географска определба туку како систем на вредности, правила и институции. Нам ни треба независно судство. Ни треба функционална администрација. Ни треба борба против корупцијата. Ни треба европски стандард во јавните услуги, економијата, екологијата, инфраструктурата, образованието.
За сето тоа може да ни поставуваат услови. И треба.
Но кога условувањето ќе стигне до јазикот, историјата, културата и прашањето кои сме, тогаш веќе не зборуваме за европски стандарди. Зборуваме за нешто друго. И тука Европа мора да биде многу внимателна.
Зашто ако Унијата навистина сака да биде заедница на различни народи, тогаш не може едни членки да бидат чувари на сопствениот идентитет, а други да бидат кандидати што треба да го „усогласат“ својот.
Не може европската интеграција да значи прво исполнете ги демократските критериуми, а потоа објаснете ни зошто вашиот јазик е ваш, зошто вашата култура е ваша и зошто вашата историја ја гледате на свој начин. Тоа не е интеграција, туку идентитетски инженеринг што некои сè уште како да не го гледаат или не сакаат да го видат.

И можеби тие нови клаузули не треба да важат само за новите членки, туку да ги опфатат и постојните членки на Унијата оти и меѓу нив има многу што не ги исполнуваат условите и кои треба и врз свој грб да почувствуваат што значи непочитување на европските правила.
Македонија веќе плати висока цена. Имаме искуство со блокади, условувања и со билатерални прашања што се префрлија во европскиот процес. Името на државата го менувавме. Имаме искуство кога прашањето не беше само дали ќе реформираме институција туку и како ќе ја толкуваме сопствената историја. Имаме искуство кога европската перспектива беше ставена во зависност од прашања што не се решаваат со европски директиви туку со политички договори меѓу држави.
Затоа кога денес Брисел вели дека идните членки не треба да го користат ветото за да ги блокираат идните проширувања поради билатерални спорови, Македонија има причина да слуша внимателно. Тоа може да биде чекор во вистинска насока. Но политичката декларација не е доволна ако зад неа нема јасен европски принцип според кој билатералниот спор не смее да стане инструмент за преобликување на идентитетот на кандидатот.
Но, уште поважно, Европа треба да ја ограничи можноста ветото да биде заменето со друг вид притисок. Ако денес кажеме дека ветото не смее да биде инструмент за блокада, а утре истото условување продолжи преку политички декларации, толкувања или преку нови „европски“ услови, тогаш само сме го смениле пакувањето.
Ако Македонија може пред полноправното членство да добие пристап до европски политики, програми, пазари и механизми, тогаш тоа е Европа што се доближува до граѓаните. Но европеизацијата не смее да значи македонското да се намалува за да стане европско. Напротив. Европа треба да биде доволно голема за во неа да има место и за Македонците со нивниот јазик, култура, историја и идентитет. Тоа е суштината.

Впрочем, ние не бараме преку симит погача, не бараме некој да ни даде нешто што не им го дава на другите, туку бараме истото правило што важи за другите да важи и за нас. Бараме принципи.
Ако Унијата сака идните членки да не отстапуваат од демократските стандарди, тогаш и самата Унија мора да биде доследна во своите стандарди. А еден од тие стандарди мора да биде почитувањето на идентитетот.
ЕУ може да бара Македонија да биде подобра демократија, да има подобро судство, да се бори против корупцијата, да има ефикасна јавна администрација, да ги спроведува европските закони, ама не може да бара да се откажеме од она што сме со векови.
И ако новата европска „полиса за осигурување“ навистина треба да биде гаранција за иднината на Унијата, тогаш токму тоа треба да биде една од нејзините најважни клаузули.
Зашто Македонија во Европа треба да влезе како европска држава, но и како Македонија.