Фото: Сашо Клековски/Фејсбук

Вакцинацијата со БСЖ вакцината во Македонија привремено е прекината во сите здравствени установи каде што се користи вакцина од производителот од Бугарија, по информациите од Хрватска за можни несакани ефекти поврзани со оваа вакцина.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека станува збор за превентивна мерка и дека сериите за кои се тврди дека предизвикувале несакани ефекти се од 2022 и 2023 година, а нивната употреба и роковите во Македонија завршиле пред повеќе месеци, пренесе МИА.

 – Обезбедивме информации за двете серии вакцини бесеже за кои се тврди дека има несакани ефекти, тоа се серии од 2022 и 2023 година и нивните рокови и употребата во Македонија е завршена пред повеќе месеци. Значи нема од вакцини од тие серии во моментот во употреба. Секако побаравме од Комисијата за имунизација и од Институтот за јавно здравје, иако во моментот нема евидентирани случаи на несакани дејства на овие вакцини, да направиме длабинска анализа за да видиме дали има нешто неевидентирано во евиденцијата кај нас во „Мој Термин“.

Клековски посочи дека, паралелно со проверките, се преземаат мерки за да се обезбеди континуитет на вакцинацијата на новороденчињата. Министерството постигнало согласност со УНИЦЕФ за обезбедување едногодишни количини БСЖ вакцини од јапонски производител.

 – Ги има во депо и ќе организираме што поскоро да бидат транспортирани во Македонија за да обезбедиме континуитет на вакцинацијата со оваа вакцина кај новородените деца. Кај нас е праксата таа вакцинација да се прави при исписот од родилиштето, меѓутоа во основа таа може да се направи и подоцна, така што нема да има несакани ефекти од одложување на вакцинацијата со бесеже. Треба да се заблагодарам многу на Комисијата за имунизација дека со брза реакција и во разговор со УНИЦЕФ се обезбедува да продолжиме со вакцинација, а родителите да немаат сомнеж дека можеби се употребуваат вакцини кои предизвикуваат несакани дејства. Таа една година ќе биде доволно за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не, и да видиме следната година како ќе ги поставиме работите – истакна Клековски.

Претседателката на Комисијата за имунизација, проф. Александра Грозданова, информираше дека хрватската Агенција за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД) во најновото соопштение и натаму потврдува дека нема директна поврзаност меѓу вакцинацијата и појавата на остеомиелитис.

Таа посочи дека и во Македонија се спроведуваат дополнителни проверки и дека мерките се превентивни.

 – Кај нас во последните две години има околу 16, 17 илјади живородени деца. Во принцип треба таа вакцина да се прими веднаш по пуштањето од родилиштето, би очекувале дека до 15.000 деца годишно ја имаат примено оваа вакцина. Во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД) се истражуваат сериите кои се активни кај нас, кои сега ги користиме, односно се користеле до вчера, и немаме пријавено несакани реакции. Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примање на вакцината до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции која ќе биде пријавена – рече д-р Грозданова.

Од Комисијата за имунизација појаснуваат дека БСЖ вакцинацијата во моментов е времено прекината, по примерот на Хрватска, додека не се утврди дали постои причинско-последична врска меѓу вакцината и остеомиелитисот.

 – Следната недела, по добивање на информациите за сериите, по добивање и разговор со педијатрите дали некоја од овие состојби е пријавена кај децата, ќе донесеме препораки соодветно. Нема да ги оставиме децата да бидат невакцинирани и затоа овој чекор со УНИЦЕФ, кој ни дава комоција дека и натаму ќе имаме континуирано снабдување и вакцинирање – рече д-р Грозданова.

Грозданова дополнително посочи дека Македонија спаѓа во земјите со висок ризик во однос на туберкулозата, поради што континуитетот на БСЖ вакцинацијата е од особено значење.

На прашањето што ќе се случи со новороденчињата кои во периодот на прекинот треба да ја примат вакцината, Клековски појасни дека станува збор за краткотраен прекин од седум до 10 дена, а не за одложување од повеќе месеци.

 – Штом биде достапна вакцината во Македонија, ние ќе дадеме натамошни упатства за начинот на дистрибуција и за вакцинација. Во моментот дадовме налог да се пребараат сите случаи наназад четири години, да се побараат и нерегистрираните случаи на остеомиелитис за да се види дали го има, за кој нема сомнеж дека е поради несакано дејство. Значи ги истражуваме тие надвор од тоа што имаме пријавено во минатиот период, за да видиме дали, ако има кај нас случаи, дали можеме да ги поврземе со употребата на таа вакцина или не. Анализата на случаите нема да ја врши само МАЛМЕД, туку ќе ја вршиме и ние како Министерство, бидејќи сакаме да се опфатат сите елементи – додаде Клековски.