Поранешниниот вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, на 13 октомври треба да излезе од домашен притвор бидејќи тогаш истекува максимално предвидениот законски рок на оваа мерка. Неговата одбрана во меѓувреме доставила барање до судот за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост, а како гаранција дека тој ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка понуден е недвижен имот вреден 335.707 евра.
На Артан Груби, покрај куќниот притвор, му е определена и мерка привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
– Обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет, е поднесен на 13 октомври 2026 година. Во согласност со член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Поради тоа, како што беше посочено и претходно, а тоа беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на законот мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година. Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена. Во однос на оваа мерка на претпазливост, одбраната до судот достави предлог, со кој, во согласност со член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција. Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка. По понудената гаранција, оформен е предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот и ќе ја извести јавноста – информираат од Основниот кривичниот суд – Скопје.
И председателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, синоќа потврди дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од 13 октомври ќе се брани од слобода како обвинет во случајот „Државна лотарија“.
– Единствено што можам со сигурност да кажам е дека, без оглед на одлуката (на судот), ќе ја дочека на слобода. Притворот на Груби истекува на 13 октомври. Лицето ќе продолжи да го следи процесот и да се брани од слобода – рече Димовска во гостување на поткаст.
Артан Груби е обвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Обвинението против него и уште седум лица беше поднесено на 13 август 2026 година.
Груби на судењето што е во тек се изјасни за невин, пренесува МИА.

































