ТАЕКВОНДО – Г1 ТУРНИР „АЛБАНИЈА ОПЕН“
- Ова за Милијана се нови 3,6 поени за светската и за олимписка ранг-листа и се надеваме доволно за повторно да останеме во првите десет на светската ранг-листа, вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов
Најдобрата македонска таеквондистка, членка на клубот Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ постигна нов голем успех, освојувајќи бронзен медал на силниот Г1 турнир „Албанија опен“ во Тирана. Во 1. коло Рељиќ, која настапи во тежинската категорија до 62 кг, како второрангирана носителка беше слободна. Во следното коло ја победи Леонарда Андриќ од Канада со 2-1 во рунди, а во борбата за медал, во извонредно тесна борба со 2-1 во рунди, беше поуспешна од Лена Елена Торес од Шпанија. Во полуфиналето Рељиќ се сретна со Хатиџе Пинар Јигиталп од Турција.
– Со Хатиџе пред две години извојувавме тесна победа на Европското првенство во Белград, но овој пат претставничката од Турција беше поуспешна и ги доби двете рунди на поени со 2-4. Ова за Милијана се нови 3,6 поени за светската и за олимписка ранг-листа и се надеваме доволно за повторно да останеме во првите десет на светската ранг-листа. Во септември поради болест, Милијана пропушти три битни турнири, но се надеваме дека тие изгубени поени ќе ги надополниме месецов со турнирите во Букурешт и во Белград – ни изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
Веќе следниот викенд Рељиќ ќе учествува и на Г6 гранпри-турнирот во Париз (Франција), каде што ќе учествуваат првите 30 најдоброрангирани таеквондистки во светот.
– На овој турнир во Париз, Милијана ќе се бори во поголема тежинска категорија до 67 кг, според рангирањето од 1 јуни 2026, а веќе следната година ќе може да се натпреварува во нејзината природна категорија, односно до 57 кг – појаснува Ефтимов. Г.И
































