Фото: Маја Јаневска-Илиева

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, на денешното продолжение на 33. седница, едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа, соопштија од ФЗО.

Оттаму тврдат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба.

– Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот. Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета. Истовремено, со измените се воведуваат повеќе конкретни олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со цел да се намалат непотребните административни постапки и движењето на пациентите низ здравствениот систем – информираат од ФЗО.

Оттаму велат дека меѓу поважните олеснувања се: за дел од дијагнозите нема да биде потребно пациентот да се упатува на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар; за дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите; по 15-тиот ден, предлогот за привремена спреченост за работа – ПСР, матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка; се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи; кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања; се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои по завршено болничко лекување; за бремени жени и доилки се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај; кај определени тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена.

– Новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година. Целта е тие да се усогласат со современите можности на медицината и дијагностиката, но истовремено да се отстранат административните постапки што непотребно ги оптоваруваат пациентите и лекарите. Во периодот меѓу прекинот и продолжението на седницата беа дополнително разгледани и разјаснети прашањата отворени од членовите на Управниот одбор, со цел одлуката да биде донесена врз основа на целосно согледување на предложените решенија – информираат од ФЗО.

Од фондот додаваат дека целта на измените е токму тој баланс – современи и медицински оправдани критериуми, повеќе олеснувања за пациентите и лекарите и сигурност дека секој осигуреник ќе го оствари правото на боледување кога неговата здравствена состојба тоа го бара.