Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за имунизација донела одлука за привремено одложување на вакцинацијата со БСЖ вакцината, по информации во хрватските медиуми за појава на несакани реакции кај лица кои примиле вакцина од истиот производител.
По информациите, Комисијата за имунизација веднаш одржала состанок, а Министерството ја контактирало Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) за да се проверат сериите на БСЖ вакцините што се користат во Македонија.
– Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава – соопшти Министерството.
Од МЗ нагласуваат дека имунизацијата со БСЖ вакцината во земјава е задолжителна, имајќи предвид дека Македонија се смета за земја со висок ризик од туберкулоза.
Според податоците на Министерството, во моментов на Институтот за туберкулоза се лекуваат 95 пациенти, од кои 83 се случаи регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година досега 12 нови случаи.
– Врз основа на наведеното, Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции – појаснуваат од Министерството.
Од МЗ додаваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина. Пријавата, поднесена во август 2022 година, се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација.
Од Министерството посочуваат дека оваа реакција е наведена и во упатството за употреба на вакцината.
































