Фото: Пиксабеј

Глечерите во Швајцарските Алпи изгубија повеќе од пет проценти од својот волумен оваа година поради високата топлина и малите количества снег, што е нивна втора најголема годишна загуба од 1950 година, покажаа податоците од Швајцарскиот систем за следење на глечерите (ГЛАМОС). Институцијата ја опиша оваа година како разорна за швајцарските глечери.
– Интензивните топлотни бранови од мај до септември, во комбинација со лесни снежни врнежи во зима, доведоа до уште една разорна година за глечерите – објавија од ГЛАМОС.
Во последните пет години обемот на мразот во Швајцарија се намалил за речиси 20 проценти, според организацијата. Висината на снежната покривка во текот на зимата била значително под долгорочниот просек поради малото количество на врнежи. Секој месец од мај до септември бил обележан со суви услови и најмалку еден топлотен бран. Во текот на тие месеци границата на замрзнување била над 4.000 метри надморска височина рекордни 76 дена, повеќе од двојно од просекот.
Заштитната снежна покривка на глечерите делумно исчезнала за време на топлотните бранови во јуни, според ГЛАМОС. До септември немало повеќе снег дури ни на висина од 3.500 метри.
– Алпските глечери во такви услови немаат изгледи за долгорочен опстанок – предупреди ГЛАМОС.
Помеѓу јули и септември, глечерите изгубиле вкупно околу 2,2 трилиони литри вода, што е над четири пати повеќе од годишната потрошувачка на вода за пиење на сите швајцарски домаќинства.