Како да привлечеме посетители и надвор од сезоната
- Ноќевањата што ги остваруваат странските туристи растат, но се намалува бројот на ноќевањата од домашните туристи
Бројот на туристите од година на година се зголемува, а притоа поголем раст се забележува кај странските туристи. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека нашата земја во првите седум месеци ја посетиле 741.446 туристи, притоа е забележан раст кај бројот на туристите за 1,5 отсто во споредба со истиот период лани. Имено, минатата година во периодот од јуни до крајот на јули Македонија ја посетиле 730.793 туристи.
Иако не станува збор за голем раст на бројот на туристи, сепак фактот дека има нов раст е потврда дека работите се движат во посакуваната насока.
Бројките откриваат дека има раст и кај странските посетители, но и кај домашните. Кај странците е забележан раст од 1,3 отсто повеќе во споредба со минатата година. Во првите седум месеци од годинава во земјава биле регистрирани 523.751 странски турист, наспроти 517.041 во истиот период во 2025 година. Од друга страна, домашните туристи имало 217.695, додека пак лани во истиот период имало 213.752 наши сограѓани што патувале низ Македонија.
Во истиот период се остварени 1.760.335 ноќевања, што е раст од 0,5 отсто во однос на првите седум месеци од минатата година, кога биле остварени вкупно 1.750.979 ноќевања.
Кај странските гости се забележува поголем раст – тие оствариле 938.113 ноќевања или 2 отсто повеќе од истиот период лани. Кај домашните туристи, пак, бројот на ноќевањата е намален за 1 отсто, на 822.222.
Повеќе туристи, но пократок престој
Но бројките не се доволни за да се добие вистинската слика за туризмот во нашата земја. Иако бројките на странците растат, сепак, се забележува дека најголемиот дел гости остануваат пократко време, некои од нив и на само едно или две ноќевања. Од друга страна, бројот на домашните туристи постојано се намалува, а нивниот престој најчесто е подолг отколку на странските туристи.
Таков пример се летните месеци, кога туристите и најдолго престојуваат. Па така, во јули Македонија ја посетиле 223.711 туристи, што претставува раст од 6,6 отсто во споредба со јули 2025 година. Од нив, 127.418 биле странски гости, а 96.293 домашни туристи. Во текот на јули биле остварени вкупно 795.083 ноќевања, а од нив странските гости реализирале 260.702 ноќевања, што е раст од дури 9,8 проценти.
Привлекување туристи од подалечните дестинации
Домашните туристички експерти потенцираат дека промоциите се многу важен аспект на патот на привлекување туристи.
– Туристот што сакаме да го видиме во Македонија утре, мора да почнеме да го освојуваме денес. Еден од каналите за промоција се саемите, но промоцијата не почнува и не завршува со саемот. Реалните промотивни активности треба да почнат многу порано, со креирање стратегија и национален календар за туристичка промоција, договорен најмалку 18 до 24 месеци однапред, меѓу државата и приватниот сектор.
Клучно прашање не е на кој саем, туку што сакаме да постигнеме. Изборот на саем зависи од тоа од кои земји сакаме гости и во кој период. Туристичката промоција не е збир на поединечни настапи, туку заеднички процес со јасна логика, приоритети и мерливи резултати – вели Влатко Сулев, претставник на туристичкиот сектор, чиј фокус е дојдовниот туризам.
Тој укажува дека штом суштината на туризмот се раст на БДП и поголеми приходи во буџетот, треба да се привлечат туристи што ќе останат подолго време и ќе потрошат повеќе пари.
– Првично промоцијата треба да се насочи кон европските земји, но истовремено приспособена за секоја земја, бидејќи сите не патуваат од истите причини. Некој бара понуда во која доминира културата, други природни убавини, гастрономија, вино, активен одмор или автентично искуство.
Истовремено, треба да размислуваме и пошироко, да настојуваме да донесеме туристи од подалечните пазари, како туристи од Јапонија, Кореја, Кина, САД или Латинска Америка, за кои Македонија треба да биде дел од балканската понуда, и притоа да се избориме да биде повеќе од кратка попатна станица. Нашата цел треба да биде јасна, три или четири дена престој во Македонија, што носи приход за хотели, ресторани, винарници, водичи, превозници и локални атракции – објаснува Сулев и дополнува дека не смееме да заборавиме ниту на земјите од регионот, како што се Бугарија, Романија или други земји.
Тој потенцира дека ова се пазари што се блиску до нас и има потенцијал за викенд-патувања, посета на фестивали, пократки одмори…
Поголема промоција
Туризмологот Зоран Николовски укажува оти иако во Македонија секоја година оди во нагорна линија во бројот на туризмот, сепак ни фали развојна стратегија за секторот, но и туристички понуди со кои ќе се дислоцираат туристите низ цела земја, не само во неколку града.
– Македонија, за жал, сѐ уште лута што ќе понуди на некој одреден пазар. Треба внимание на туристичкиот пазар, развоен дестинациски менаџмент за одреден производ и поголема промоција. За жал, сѐ уште немаме бренд во туризмот, нешто што мора веднаш да го развиваме. Иако авиосообраќајот помага во развојот, сепак, поголем дел од дестинациите со кои сме поврзани се повеќе за извозен туризам – потенцира Николовски. Е.Р.































