На интернет сè повеќе се шират содржини со сексуална злоупотреба на деца создадени со помош на вештачка интелигенција. Бројот на таквите фотографии откриени во првата половина од годинава веќе го надминал вкупниот број регистриран во цела 2025 година, објави британски „Гардијан“.
Аналитичарите на британската организација „Интернет воч фаундејшн“ (Internet Watch Foundation – IWF), која го следи ширењето вакви содржини во светот, од 1 јануари до 30 јуни годинава анализирале 6.310 фотографии создадени со ВИ што, според британскиот закон, се сметаат за материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Тоа е за 40 отсто повеќе од вкупниот број вакви фотографии откриени во текот на цела 2025 година, кога биле регистрирани 4.512.
Бројот на материјали создадени со ВИ расте веќе неколку години, а особено брзо се зголемува бројот на видеосодржини. Најновите податоци на организацијата, сепак, се однесуваат исклучиво на фотографии.
Од 6.221 фотографија за кои биле утврдени возраста и полот на прикажаните деца, на 98 отсто биле претставени девојчиња. Најголемиот дел, односно 79 отсто, прикажувале деца на возраст од седум до 13 години.
Аналитичарите откриле и 1.004 фотографии на деца на возраст од три до шест години, како и 190 фотографии на бебиња и деца помлади од две години.
Од „Интернет воч фаундејшн“ предупредуваат дека ваквите материјали предизвикуваат вистинска штета. Во некои случаи, сторителите со помош на ВИ преработуваат автентични фотографии на деца и создаваат нови злоупотребувачки содржини, со што дополнително ги трауматизираат жртвите.
Организацијата оценува дека податоците ја потврдуваат потребата од обврзувачки правила со кои технолошките компании ќе бидат принудени уште при развојот да вградуваат заштитни механизми во моделите со вештачка интелигенција. Таа истовремено ги повика институциите на ЕУ да го забрзаат донесувањето на регулативата за спречување и отстранување материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Владата на британскиот премиер Енди Барнам засега не најавила нов закон посветен исклучиво на вештачката интелигенција. Британскиот министер за ВИ, Канишка Нарајан, изјави дека при разгледувањето нови правила „сите опции се отворени“, но дека главното прашање за секој законски предлог ќе биде дали со него британските граѓани ќе бидат побезбедни.
Во Велика Британија веќе е незаконско создавањето, поседувањето и ширењето материјали со сексуална злоупотреба на деца, без разлика дали се реални или се создадени со ВИ.
Со Законот за криминал и полициско постапување од 2026 година е забрането и приспособувањето, поседувањето, нудењето или дистрибуирањето модели со ВИ специјално оптимизирани за создавање вакви содржини. За ова кривично дело е предвидена затворска казна до пет години.
































