- Документарниот филм го следи патот на еден од најуспешните македонски атлетичари, од неговите почетоци во атлетиката и одлуката да стане маратонец, до моментите што ја обележаа неговата кариера, ланската победа на Скопскиот маратон и настапот на Олимписките игри
Една година по победата на Дарио Ивановски на „Визер Скопскиот маратон“, неговата приказна е преточена во документарниот филм „Повторно роден“. Документарецот го следи патот на еден од најуспешните македонски атлетичари, од неговите почетоци во атлетиката и одлуката да стане маратонец, до моментите што ја одбележаа неговата кариера, ланската победа на Скопскиот маратон и настапот на Олимписките игри.
За Дарио во филмот зборуваат неговиот тренер, блиски соработници и луѓе од организацијата на Скопскиот маратон, кои ги следат неговиот пат и развој. Нивните сведоштва ја дополнуваат приказната за спортистот, но и за човекот зад резултатите, откривајќи моменти и детали што досега не ѝ беа познати на јавноста. Дарио отворено зборува за тоа што значи за него маратонското трчање, што го натерало да се определи токму за маратонот и како изгледал патот до најголемите натпревари. Низ неговата приказна се открива дека маратонот за него одамна е многу повеќе од трка и резултат на штоперицата, тој е стил на живот, исполнет со тренинзи, километри, одрекувања, падови и подеми, но и со она чувство поради кое повторно се враќаш на стартот. За Дарио, трчањето е нешто од кое не планира да се откаже.
– Верувам дека додека сум жив, ќе трчам. Додека сум жив, ќе уживам во секој мој изминат километар. А тоа е да бидам маратонец. Еден ден кога ќе се пензионирам, ќе се пензионирам како победник на Скопскиот маратон и како олимпиец – дециден е Дарио.
Документарецот може да го погледнете на Јутјуб: „Повторно роден – 1 година по победата на Дарио на Скопски маратон“. Г.И.
































