Повод: Изјавите/интервјуто на австралиско-новозеландскиот митрополит на МПЦ-ОА, Никола, за „наложување употреба на англискиот јазик во богослужбениот и парохискиот живот“ во Австралија и во Нов Зеланд
- Англискиот јазик не смее да биде решение за непознавањето на македонскиот јазик. Има подобри решенија што МПЦ-ОА многу добро ги знае, но во Австралиско -новозеландската епархија треба сериозно да се разгледаат, да се анализираат и да се практикуваат. Впрочем, затоа и нашата македонска прекуокеанска епархија всушност во својата суштина таму и постои…
Ставот дека поради сè поголемото непознавање на македонскиот јазик меѓу младите во Австралија „се наложува“ сè поголема употреба на англискиот јазик во богослужбениот и парохискиот живот отвора прашање што е многу поголемо од едно јазично приспособување. Тоа е прашањето за смислата на постоењето на македонските православни црковни општини во дијаспората. (И овде веднаш потсетувам на барањата на Фанарот за откажување од прекуграничните епархии за добивање на томосот, кои г.г. Стефан ги отфрли со индигнација…, но во текстов тежиштето е друго…)
Имено, ако одговорот на тоа што младите Македонци сè помалку го знаат македонскиот јазик е – да преминеме на англиски, тогаш Црквата не го решава проблемот, туку само го прифаќа. И токму тука треба да се каже гласно: „Не е нормално лекот за непознавањето на македонскиот јазик да биде негово повлекување од македонската богослужба“!
Владиката Никола во интервјуто вели дека македонските црковни заедници првично биле јазично и културолошки „затворени“, но дека Црквата „живее вистински кога не им робува на етнички граници“ и дека Евангелието е универзално. Тука има една важна вистина – Евангелието навистина има универзална порака. Но од таа вистина не следува дека Македонската православна црква треба да го релативизира јазикот на својот народ. Напротив!!!
Црквата што не го брани својот јазик лесно станува туѓа во сопствениот дом. Македонската црковна историја не е историја на апстрактна „универзалност“. Таа е историја на борба за право народот да се моли, да слуша проповед и да го прима христијанското слово на јазик што го разбира и го чувствува како свој. Во текот на вековите, македонскиот црковен простор бил под различни јурисдикции. Светскиот совет на цркви го бележи периодот до укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, потоа влијанието на Цариградската патријаршија, Бугарската егзархија и, по 1919 година, Српската православна црква. Тоа не се само административни промени во црковните книги. Тоа се историски процеси во кои јазикот, богослужбата, училиштето и црковната припадност биле неразделно поврзани. Токму затоа македонското прашање никогаш не било само прашање „кој епископ кому му одговара“. Било и прашање: На кој јазик ќе му се обрати Црквата на народот?
Историјата памети периоди во кои во македонските цркви се наметнувале туѓи црковни и јазични модели. Во 19 век и почетокот на 20 век, особено по создавањето на Бугарската егзархија, црковната припадност во Македонија станала дел од пошироките национални и образовни борби; по 1913 година, во Вардарска Македонија следувал период на српска црковна администрација, а за време на Првата светска војна и Втората светска војна јурисдикциите повторно се менувале. Затоа денес е тешко да се разбере како некој што ја претставува МПЦ-ОА, како примерот со владиката Никола, може толку лесно да каже:
Младите сè помалку го знаат македонскиот, па затоа – англискиот се наложува во богослужбениот и во парохискиот живот?!
Не, не, токму спротивното. Ако младите не го знаат македонскиот, во епархијата имаме уште поголема обврска, во името на МПЦ-ОА и во името на Македонија, да им помогнеме да го научат. Ако младите не го знаат јазикот – да ги научиме, а не да ги поттикнеме да се откажат од него. Ова е суштината! Не треба да се поставува прашањето: „Како да ја приспособиме македонската богослужба кон фактот дека младите не знаат македонски?“, туку „Како МПЦ-ОА ќе им помогне на младите повторно да го научат македонскиот?“ Тоа е вистинското пастирско прашање!
А на прашањето – како, се разбира дека постојат повеќе одговори.
Македонските православни црковни општини можат да организираат курсеви по македонски јазик за деца и млади.
Можат да создадат неделни јазични школи. Можат да подготват современи учебни и други форми на дидактички материјали.
Можат да организираат младински групи, читања, предавања, летни школи, црковни кампови, детски хорови, концерти, забави и катехетски програми на македонски јазик. Можат да организираат детски и младински спортски и спортско-рекреативни кампови во природа или во спортски комплекси. Можат да направат македонскиот јазик да биде жив дел од животот на младите, а не само јазик што стои во црковната книга.
Ако има млади Македонци што не го знаат јазикот, тогаш тоа не е аргумент за (уште) помалку македонски јазик во црквата. Тоа е аргумент за ПОВЕЌЕ македонски јазик во црквата! Мисијата кон другите не смее да стане откажување од сопственото стадо.
И уште нешто. Никој не спори дека Црквата може да биде отворена кон сите. Никој не бара Македонската православна црква да биде затворена за луѓе од други народи. Напротив, православното христијанство има универзална димензија и секој што сака да пристапи кон верата треба да биде добредојден. Но едно е да му се овозможи на немакедонскиот верник да ја разбере богослужбата, а сосема друго е постепено да се создава впечаток дека англискиот јазик треба да стане нормата, а македонскиот пречката. (?!) Тоа веќе не е само пастирска флексибилност. Тоа е прашање на приоритет. И тука ние, заедно со МПЦ-ОА, мора да знаеме што е првата задача во македонската дијаспора. Да, мисионери меѓу сите – да. Да го пренесува Евангелието – да. Да ги прими сите што сакаат да влезат во храмот – да. Но притоа да не се заборави дека тие храмови во Австралија не ги изградиле некакви апстрактни „православни заедници“. Ги изградиле Македонци со свои донации, со свој труд, залагање, посветеност, верба и љубов, со свои имиња, со своите семејства и пред сè – со својата потреба во својата црква да го слушаат своето слово.
„Универзално Евангелие“ не значи универзален јазик
Тезата дека Евангелието е универзално е точна. Но токму христијанската традиција покажува дека универзалната порака не значи задолжително еден јазик. Светите Кирил и Методиј се поврзани со големиот историски пресврт во кој христијанското слово било пренесено на словенски јазик. Климентовото книжевно и просветителско дело продолжило во Охридската школа, а богослужбените и книжевните текстови се развивале во словенската традиција. Современата научна литература, меѓу другото, ги документира постоењето и развојот на македонската редакција на црковнословенските ракописи и нејзината поврзаност со Охридската книжевна школа. Значи, самата историја на христијанската просветителска традиција ни покажува нешто едноставно
Народот најдлабоко го прима духовното слово тогаш кога тоа му се доближува на јазик што го разбира!
Затоа Кирил и Методиј и нивните ученици не рекле: „Нека остане грчкиот, зашто Евангелието е универзално“. Напротив, преведувале и создавале книжевна и богослужбена традиција за словенскиот свет. И токму затоа македонскиот јазик во македонската православна богослужба не е фолклор, ниту е декор и не е национален украс. Тој е јазикот преку кој македонскиот верник ги прима молитвата, проповедта и црковното предание.
МПЦ-ОА нема проблем со „премалку отвореност“
МПЦ-ОА нема проблем со „премалку отвореност“. Напротив, ако нешто ја следи македонската црковна историја, тоа е борбата да не се изгуби сопствениот простор. Во изминатите векови, различни црковни центри управувале со македонскиот црковен простор. Современата МПЦ-ОА ја гради својата институционална историја токму низ обидот да воспостави (попрецизно кажано, да ја врати) сопствена црковна организација, која во 1958 година ја обновила охридската архиепископска традиција, во 1959 година добила автономен статус во однос на Српската православна црква, а во 1967 година прогласила автокефалност.
Затоа е крајно погрешно историскиот проблем да се гледа само низ призмата на „затвореност кон другите“. Македонската црковна заедница во дијаспората не треба да се затвора. Но уште помалку треба сама да се раствора. Отвореноста без јасна сопствена содржина може да стане – асимилација. А една црква што треба да ги чува јазикот, традицијата и духовното наследство на својот народ мора да знае каде завршува отвореноста и каде започнува губењето на сопствениот идентитет.
Насочување на енергијата кон македонското стадо
Ако навистина проблемот е што младите Македонци во Австралија сè помалку го знаат македонскиот, тогаш пред нас, а секако пред МПЦ-ОА стои огромна, но јасна задача. Не во прекуокеанската епархија, по линија на помал отпор, да се откажеме од македонскиот јазик во богослужбата. Туку да направиме младите повторно да го засакаат и да го научат. Не да се отвора нов фронт на мисионерска активност по цена на слабеење на основната мисија. Туку прво да се зацврсти сопственото стадо. Не да се прифаќа англизацијата како неизбежна судбина. Туку да се создадат услови македонскиот јазик повторно да стане природен јазик на црковниот и културниот живот на младите. И да не се заборави најважното: Македонската православна црква во Австралија не постои затоа што Австралија има потреба од уште една православна црква на англиски јазик. Таа постои затоа што таму живеат Македонци! И затоа што тие Македонци имаат право на своја црква, своја традиција, свое предание и свој јазик.
Ова е стратешко прашање за иднината на Македонската црква во дијаспората
Ова прашање не треба да се решава со интервјуата и со импровизирани формулации за „наложување“ на англискиот. Тоа е стратешко прашање за иднината на македонската црква во дијаспората. Затоа е ред МПЦ-ОА, во рамките на своите органи, сериозно да разговара за јазичната политика во дијаспората, односно што е главен јазик на богослужбата, кога и како се користат други јазици, какви програми ќе има за изучување на македонскиот и како ќе се спречи генерациското губење на јазикот. И, пред сè, тоа треба да биде прашање за кое ќе има јасна и усогласена позиција на Синодот и на архиепископот г.г. Стефан, кој, како што е многу добро познато, има јасен и чист македонско-пастирски став по ова прашање. Ова прашање, пак, не е од таква природа за кое ќе се дознава од некакво интервју или пренесено интервју во медиумите. Затоа што едно е да се каже дека Евангелието е универзално, а друго е да се заборави дека универзалното Евангелие може да се проповеда на илјадници јазици – но македонскиот народ во својата црква има право да го слуша и на својот. И тука нема ништо анахроно, затворено или нетолерантно. Има само една проста вековна потреба македонскиот верник да му се обраќа на Бога на јазикот на кој научил да зборува, да мисли, да плаче, да се радува и да се моли.
Тоа не е граница за Евангелието. Тоа е јазикот преку кој Евангелието стигнува до човекот! Н.М.
Семејството и Црквата: Нераскинлив столб за зачувување на македонскиот јазик и идентитет во дијаспората
Зачувувањето на македонскиот јазик кај младите генерации во дијаспората не е прашање што може да се препушти единствено на формалните институции или на приспособувањето кон средината во која се живее. Првиот најважен и суштински заштитник на мајчиниот јазик не е училиштето, ниту улицата, туку семејниот дом. Непознавањето на македонскиот јазик меѓу младите е директен резултат на занемарувањето на домашната комуникација и препуштањето исклучиво на англискиот јазик. Глобалните искуства – од еврејската и грчката дијаспора, па сè до европските модели во Германија, Швајцарија и во Шведска – потврдуваат дека идентитетот и јазикот опстојуваат само тогаш кога домот се третира како светилиште во кое исклучиво се зборува мајчиниот јазик. Домот ја поставува незаменливата основа, а Црквата, преку своите парохиски и образовни активности, го надградува и го чува тој духовен и културен корен. Само преку оваа заедничка синхронизирана грижа на домашното огниште и црковната заедница, македонскиот народ надвор од татковината ќе може достојно да ги зачува својот идентитет, јазик и вековна култура за идните генерации. Н.М.
































