Безбедносната состојба во Прилеп е поволна, а намалувањето на насилниот криминал е еден од показателите за тоа, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, при денешната посета на Отсекот за внатрешни работи Прилеп.
-Според бројките што ги имаме, безбедносната состојба во Прилеп е задоволителна. Имаме намалување на насилниот криминал на подрачјето на ОВР Прилеп, генерално и на СВР Битола. Тоа што ги подига бројките е во делот на кривичните дела во сообраќајот. Иако безбедносната состојба е поволна, наша мисија е да ја подобриме и да го намалиме делот од кривичните дела во поглед на нарушување на јавниот ред и мир и прекршоци – рече Јанев.
Тој посочи дека особено значајно е што се расчистуваат и кривични дела за кои сторителот претходно бил непознат.
Јанев се осврна и на полициската акција спроведена во изминатите денови, оценувајќи ја како голема, опсежна и сложена операција, реализирана со посветена работа.
-Спроведовме претреси на 36 локации. Имавме еден претрес и вчера, во банка, каде во сеф пронајдовме дополнителни парични средства, околу 10.000 евра. Пронајдовме и одзедовме моторни возила. Во претресите, четири беа извршени кај полициски службеници, вработени во рамки на ОВР Прилеп. Акцијата ќе продолжи – изјави директорот на БЈБ.
Според Јанев, вчера била поднесена кривична пријава против 21 лице, по што судот во Скопје изрекол мерки за обезбедување на лицата.
-За мене тоа е сатисфакција дека не е ад хок операција, туку операција која ќе придонесе за поголема безбедност. Како прв човек на БЈБ, за мене е најважно што „митот“ за недопирливите во Прилеп падна. Тоа е наша должност, затоа што никој не може да се затскрива зад одредени конекции, врски и познанства – рече Јанев.
Тој додаде дека во изминатите две и пол години биле сузбиени голем број криминални групи, а во последните денови биле реализирани четири поголеми акции, меѓу кои, како што посочи, акција против терористичка криминална група, организирана група во царината и постапување во скопското подрачје.
-Кога институциите работат заедно, кога се работи посветено, резултатите доаѓаат – истакна Јанев.
Тој најави и зголемено полициско присуство во Прилеп во наредниот период.
-Ќе има поголемо присуство на полицијата, ќе биде повидлива, ќе изгради конекција со граѓаните, да работи и резултатите да дојдат – порача директорот на БЈБ.
Во однос на вклученоста на полициските службеници во случајот, Јанев појасни дека за нив се води посебна постапка преку Внатрешната контрола на МВР, криминалистичките истраги и професионалните стандарди.
-Оваа постапка е независна од претходната. Не се дел од 21 лице за кое е поднесена кривична пријава. Но, во зависност од доказите, ќе има и соодветна постапка. Не смее никој да помага криминални структури – посочи Јанев.
Тој додаде дека во делот на меѓународните врски имало дејствување и во соседна Грција, при што биле потврдени одредени дејствија, но не откри повеќе детали, нагласувајќи дека борбата против организираниот криминал е од особено значење.
Ка.М

































