Македонија нема да испраќа свои војници во Украина и досега нема преземено таква обврска, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој посочи дека фокусот на земјата е насочен кон поддршка на мировните напори, како и кон можностите за помош при обновата на Украина по завршувањето на војната.
Говорејќи за иницијативите поврзани со поддршката за Украина и разговорите за можни активности по постигнување мировен договор, Мисајловски нагласи дека Македонија нема намера да испраќа воен персонал.
– Ние никогаш не сме ветиле и никогаш не сме кажале дека македонски граѓани ќе одат. Тоа треба секој да го знае и многу пати сум ја давал оваа изјава. Македонски војници на украинско тло нема да има. Ние веруваме да има мировен договор, тоа е нашиот став – рече Мисајловски во гостување на „Канал 5“.
Министерот посочи дека Македонија разгледува можности за учество во меѓународни иницијативи преку трипартитни договори. Според него, тие би овозможиле донирање одредена опрема, а земјата за возврат би добила поддршка преку соодветни фондови.
За ова, како што наведе, веќе било разговарано и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На прашањето дали Македонија, како членка на НАТО, би можела да одбие евентуално барање за испраќање војници, Мисајловски рече дека таква обврска не произлегува од членството во Алијансата.
– Ова не е обврска што произлегува од НАТО. Нема таква обврска. Станува збор за иницијатива на големите сили на Европа, Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се обидуваат како да придонесат повеќе за Европа и Украина – изјави министерот.
Тој нагласи дека приоритет е прво да се постигне мир, а потоа да се разговара за останатите форми на поддршка.
– Во овој период има позитивни најави за можен напредок кон мирно решение. Добро е што се разговара за мир. Тоа е нешто што сите го посакуваме и поддржуваме – рече Мисајловски.
































