Грција на 3 октомври во Солун ќе ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки што му се припишуваат на средновековниот владетел цар Самоил. Договорот меѓу двете земји предвидува и Бугарија да ѝ предаде на Грција 48 историски и религиозни реликвии, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев.
Меморандумот за разбирање го потпишаа министрите за култура на Грција и на Бугарија, Лина Мендони и Евтим Милошев. Со документот е предвидено реципрочно предавање за чување историски артефакти, религиозни и културни вредности и реликвии.
Официјалната церемонија ќе се одржи в сабота во Музејот на византиската култура во Солун, во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и на неговиот бугарски колега Румен Радев.
Бугарија ќе ѝ ги предаде на Грција 48-те реликвии што потекнуваат од манастирот „Пресвета Богородица Икосифиниса“, манастирот „Свети Јован Крстител“ во Серес и од Митрополијата на Серес и Нигрита. Реликвиите биле пренесени во Софија во 1917 година, за време на Првата светска војна, а сега се изложени или се чуваат во Националниот историски музеј на Бугарија.
По нивното предавање, реликвиите до 5 ноември ќе бидат изложени во Музејот на византиската култура во Солун, а потоа ќе им бидат предадени на манастири и на Митрополијата.
За возврат, Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките откриени во базиликата „Свети Ахил“ на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро, кои грчкиот археолог Николаос Муцопулос ги идентификувал како останки на цар Самоил.
Идентификацијата е направена врз основа на археолошки и историски показатели, бидејќи во гробот не бил пронајден натпис со името на владетелот. Поради тоа, во научната и медиумската терминологија најчесто се наведува дека станува збор за останки што му се припишуваат на цар Самоил.
Заедно со нив, на Бугарија ќе ѝ биде предаден и антрополошкиот материјал пронајден во другите саркофази во базиликата.
Останките во изминатите години се чуваа во Музејот на византиската култура во Солун.
Во бугарската престолнина е најавена и свечена церемонија. Радев ги повика граѓаните на 3 октомври во 12.30 часот да се соберат на плоштадот „Батенберг“, од каде што со поворка останките ќе бидат пренесени до црквата.



































