Фото: МИА

Во Њујорк вчера се одржа прием по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, на кој присуствуваа висока владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, дипломатски претставници, истакнати Македонци, како и претставници на други етнички заедници од дијаспората, пренесе МИА.

Обраќајќи им се на присутните, премиерот Мицкоски им се заблагодари за придонесот што го даваат за земјата и порача дека вратите на татковината секогаш се отворени.

 – Македонија е вашата татковина. Вратата дома секогаш ви е отворена. Целта на оваа македонска Влада е што повеќе македонски граѓани да се вратат во својата татковина, таму да инвестираат, таму да ја градат иднината на своите семејства и заедно со Македонците и со останатите наши сограѓани да се грижат за иднината на Македонија –  изјави Мицкоски.

Тој ги повика иселениците да се вратат, да инвестираат и да создаваат во земјата.

Пред присутните, премиерот се осврна и на економската состојба, посочувајќи го, како што наведе, растот на бруто домашниот производ од 4,3 проценти.

 – Во моментот можеби имаме најстабилна Влада во Европа, со отприлика двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа стабилност гарантира реформи и испорака на економски резултати – рече Мицкоски.

Говорејќи за меѓународниот контекст, тој посочи дека во услови на војната во Украина, кризите во регионот и енергетските предизвици, состојбата во земјава, според него, е стабилна.

 – Македонија е сè што имаме и затоа вреди да се бориме за нејзино подобро утре. Ја очекувам вашата поддршка заеднички да ја исцртаме иднината за нашата татковина и за граѓаните кои живеат таму – порача Мицкоски.