Ѓорѓи Митревски, координатор на „Флудо“

„Флудо“ е фестивал за екокултура и креативен активизам, кој почна на 24 септември и трае до денеска. Сите програми се одржуваат во „Сули-ан“ во Скопје. „Флудо“ се појавува како простор каде што уметноста, образованието, активизмот и граѓаните се среќаваат околу прашањата за животната средина. Тој не е замислен само како културен настан туку како простор за сите што сметаат дека уметноста и културата може и треба да дејствуваат во заеднички фронт со екоактивизмот.
Ѓорѓи Митревски е координатор на програмата за води во „Екосвест“, каде што ги води националните иницијативи за заштита и еколошка обнова на реките во Македонија. Преку иновативни пристапи, медиумски кампањи, јавни настани и граѓанска наука, тој координира кампањи за јавно застапување и подигање на општествената свест. Во својата работа активно ги инкорпорира уметноста и културата, градејќи долгорочни соработки со национални институции, независни културни центри, фестивали и уметници. Го промовира слободниот уметнички израз како автентичен двигател на општествената трансформација и нов наратив за природата. На регионално ниво, во рамките на иницијативата „Јунајтед фор риверс“, работи на издигање на свеста преку продукција на уметнички колонии, изложби, публикации и културни настани. Ѓорѓи е и самиот автор во областа на фотографијата, графиката и анимацијата, со самостојни изложби во САД, Кина, Германија, Франција, Хрватска, БиХ и во Македонија.

Како се роди идејата за „Флудо“, што беше иницијалниот поттик да создадете фестивал што ќе ги поврзе екологијата, уметноста, активизмот и луѓето на ваков начин?
– „Флудо“ се роди некако спонтано, како резултат на нашите досегашни активности во доменот на истражување и информирање за животната средина. Пред повеќе од пет години започнавме една континуирана програма за долгорочна соработка со независните културни центри, фестивали, индивидуални уметници, културни работници и едукатори со две цели: прво, да им овозможиме да добијат подлабок увид во актуелните прашања од областа на животната средина за да можат да го рефлектираат тоа во своите активности, со намера да допреме до што е можно пошироката и поразлична публика, и второ, да ги вклучиме како носители на една нова едукативна програма за деца и млади со која ќе ги оспособиме идните генерации преку различни креативни медиуми да ги артикулираат своите видувања за проблемите во животната средина. Како резултат на оваа наша работа во из минативе пет години созреа идејата за „Флудо“, како простор за сите нас што сметаме дека креативноста, уметноста и културата може и треба да дејствуваат во заеднички фронт со екоактивизмот.

„Флудо“ ја поставува екологијата на пресекот меѓу социјалната правда, уметноста и технологијата. Зошто токму преку уметноста решивте да отворите поинаков разговор за еколошките проблеми?
– Уметноста има моќ да ги извлече на површина потиснатите еколошки неправди и да ги претвори во јавни сведоштва. Уметноста може да ги направи видливи реките „заробени“ од хидроцентрали, на пример. Во таа смисла, уметноста не е само естетски чин туку и едно „радикално сведоштво“, кое може да нѐ соочи со непосредната стварност и да ни помогне да ја препознаеме екологијата како прашање на социјална правда. Уметноста ја има моќта да го редефинира јавниот простор како место на етичка будност.

Често за екологијата зборуваме преку статистики, загадување, климатски промени… Што сметате дека може да направи една уметничка интервенција што не може да направи класичната еколошка или активистичка кампања?
– Бројките и статистиките допираат до нашиот интелект, но не и до нашите срца, ако можам така да кажам. Но затоа, пак, личните приказни носат емоција – и токму таа емоција ни помага да се идентификуваме со состојбите, да заземеме став и да застанеме на вистинската, морално исправна страна. Токму тука лежи моќта на уметноста. И токму тука уметноста е незаменлив медиум на комуникација.

Што ѝ понудивте на публиката на „Флудо“ и како ги поврзувате овие различни форми во една заедничка идеја?
– Фестивалот нуди навистина богата програма, почнувајќи од интерактивни работилници за креативни медиуми како стоп-анимација која ќе ја води „Флипбук“, театар на сенки во соработка со „Сенки и облаци“, цијанотипија со „Зрно фестивал“, сито-печат со „Партизанска штампа“ и креативно рециклирање со Ана Чоловиќ-Лешоска. Програмата вклучува и мултимедијална изложба, проекции на кратки документарни филмови, како и настанот „Екотрампа“. Имаме и панел-дискусија модерирана од писателката Румена Бужаровска, каде што за предизвиците во градењето заеднички фронт меѓу културата и екоактивизмот ќе зборуваат Сандра Јосовиќ од БиХ, Ѓорѓе Јовановиќ од „Јадро“ и јас како претставник на „Екосвест“. Музичкиот дел е исто така разновиден и ги опфаќа настапот на диџеј Шурбе, концертот на Хана Корнети, перформансот „Магарешки уши“ на Георги Шарески, Владимир Лукаш и Џијан Емин, концертот на Јоана Ристеска и концертот „Трансмишн“ на Александар Петров и Томи Анчов. Сите овие различни форми градат единствена кохезивна платформа, или повеќе еден јавен форум каде што младите, уметниците, едукаторите, активистите и граѓаните заеднички ќе го обликуваат јавниот наратив за животната средина.

По завршувањето на „Флудо“, каква промена би сакале да видите во размислувањето и восприемањето на луѓето на животната средина, јавниот простор, општествената одговорност…?
– Луѓето треба да почнат да ја препознаваат заштитата на природата како општествен и културен императив. Фестивалот сака граѓаните да разберат дека еколошките неправди се јавни прашања што бараат етичка будност и институционална одговорност. Би сакал посетителот да си замине со идејата дека има моќ и самиот директно да влијае во подобрување на состојбите во животната средина. Дека неговиот глас е важен – и уште повеќе, неопходен. Длабоко веруваме дека секој граѓанин ја има во себе моќта да биде заштитник на природата. Ако успееме да го разбудиме тоа чувство кај луѓето, тогаш фестивалот ја постигнал својата вистинска цел.