Македонската џудо-репрезентација во возрасната категорија до 23 години (млади сениори), предводена од селекторот Горан Мицкоски, денеска и утре ќе настапи на Балканското првенство (БП), кое ќе се одржи во Пеќ, Косово.
Репрезентативните бои на Македонија на ова натпреварување ќе ги бранат Ива Богдановска (до 63 кг), Никола Петров (до 90 кг) и Сергеј Димитриоски (до 66 кг). Секако, ова ќе претставува и нова можност за докажување, но и за стекнување уште едно искуство повеќе на татамите за македонските талентирани претставници.
Да потсетиме дека младата македонска џудистка Богдановска, членка на џудо-клубот Миоки, постигна огромен успех во август годинава на Балканското првенство за сениори, кое се одржа во Тирана, Албанија, закитувајќи се со златен медал во категоријата до 63 кг. Успехот е уште поголем ако се имаат предвид нејзините години (18).
На Балканското првенство, македонското џудо ќе има свој претставник и во судиските редови. Имено, Томе Јосифоски ќе биде дел од судискиот состав, информираат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Г.И.
































