Kинематограферот Гералд Керклец на „Манаки“
Кинематограферот на филмот „Роза“, Гералд Керклец, на фестивалот „Браќа Манаки“ сподели искуства од снимањето на филмот, кој имаше одличен прием од жирито на „Берлиенале“, предводено од Вим Вендерс.
– Актерката што ја толкува главната улога, Сандра Хилер, во едно интервју рече дека не глуми маж, туку жена што се претставува како маж и затоа главната тема не беше скриена, публиката знае за што станува збор. Сандра не ја снимавме поинаку од другите ликови што се појавуваат во филмот, а боите се комбинираат за да се долови она што е најважно во филмот. Таа има лузна на нејзиното лице и тековно одлучувавме која страна на лицето кога ќе ја снимаме, бидејќи сметам дека е погрешно еден лик да се снима поинаку од другите. Сцените надвор се снимаа со дневна светлина, но и кај ентериерните сцени се обидував светлината да биде поблиска до природната – рече Керклец, чиј ментор е Кристијан Бергер, лауреат на „Златна камера 300“ на „Браќа Манаки“, кој има влијание во неговата работа и ги користи неговите алатки како отсјај на светлината, отвореност на блендата итн.
Филмот користи и референци од уметнички дела, а Керклец посочи дека ги истражувале сликите од тоа време во Холандија за да ја доловат таа реалност.
Во рамките на документарната селекција беше прикажан филмот „Жив затвор“, а кинематограферот Џими Гимферер рече дека филмот се подготвувал долго време поради продукциски, етички и естетски причини.
– Филмот треба да биде документарец, но е сниман како политичка фикција. Беше многу предизвикувачки за снимање, особено поради приказната на филмот, односно што е она што се случува во Граѓанската војна во Шпанија и репресијата на Франко. Снимавме со непрофесионални актери и синоќа на проекцијата видов дека крајниот резултат е технички прецизен и го доловува аспектот што сакавме да го постигнеме. Ги користевме надворешните пејзажи, работевме со т.н. етичка естетика за да прикажеме што е вистина, а што не е вистина, бидејќи сакавме тоа што го правиме да го направиме како што треба – рече Гимферер и посочи дека најмногу сака да работи со т.н. андерграунд-уметници бидејќи смета дека тоа е вистинскиот филм.
Од специјалната селекција на 47. ИФФК „Браќа Манаки“, режисерот на филмот „Странски јазик“, Борис Мојсовски, сподели дека темата на филмот е многу сериозна.
– Имено, филмот говори за една Северноамериканка, која по необична несреќа почнува да зборува со босански акцент и станува туѓинка во очите на сите околу себе и на тој начин го искусува животот на имигрант – вели Борис Мојсовски.
Режисерот внел и некои лични искуства во филмот и имале одлична комуникација со кинематограферот додека работеле на филмот.
– Јазичната бариера секогаш постои, и кога некој имигрант се труди да го научи јазикот сепак останува акцентот, а бидејќи имигрантите не се секогаш добро прифатени, можеби затоа остануваат некако во кругот на своите блиски без да се интегрираат во општеството – истакна Мојсовски. С.Ј.
































