Македонскиот писател и истражувач на литературата Стефан Марковски денеска ќе настапи на книжевната вечер „Париз лит ап“, која се одржува од 2012 година во историскиот бар „Култур рапид“ во 20-от париски арондисман на улицата Жилиен Лакроа. Во овој бар, кој е дел од книжевната историја на Париз како родно место на француската слем-поезија од 1980-тите, сè уште се одржува познатиот Меѓународен слем-фестивал секој мај.
Македонскиот книжевник ќе прочита свои поетски творби од англиско-македонскиот избор „Ветена земја“, каде што се застапени песни од четири поетски книги на Марковски, „Хипербог“, „По трагата на белиот грифон“, „Сиво сјаат вселените“ и „In Nomine“.
Книжевните вечери „Париз лит ап“ се основани од авторот Џејсон Френсис Мекгимзи и Кејт Ноукс, етаблирана поетеса, членка на Велшката академија за книжевност и уредничка на поетската рубрика на истоименото списание, а водител е Крис Њуенс, британски писател и новинар. На вечерите во минатите изданија имаат гостувано Ненси Столман, американска писателка на флеш-фантастика, музичарка и основачка на настаните поврзани со читање флеш-фантастика Фбомб (Fbomb), њујоршкиот поет и музичар Стив Далачински, добитник на наградата „Франц Кафка“, ирско/италијанско-американската поетеса Кимберли Кампанело и други. Вечерите се познати како репрезент на повеќејазичната уметничка сцена и литература што се создава во Париз. Во рамките на својот престој Марковски ќе оствари и посета на Универзитетот „Сорбона“.
































