КОЈА Е СИМОНЕТА ВЕСПУЧИ
Симонета Веспучи, една од најславните жени на италијанската ренесанса и наводна инспирација за Венера на Сандро Ботичели, со векови била позната како млада благородничка, која починала од туберкулоза на само 23-годишна возраст. Но новите истражувања сугерираат дека вистинската причина за нејзината смрт може да биде сосема поинаква. Група истражувачи објавија нова студија, според која, Симонета веројатно страдала од тумор на хипофизата, кој постепено го менувал нејзиниот изглед со текот на годините и на крајот предизвикал ненадејно и фатално крвавење. Во 2019 година, авторите на истражувањето ги споредиле нејзините портрети насликани од Ботичели со историските записи од нејзиниот живот.
Анализирајќи повеќе слики направени во различни периоди, тие забележале постепени промени на нејзиното лице, вклучувајќи го обликот на вилицата, веѓите и на меките ткива. Според нив, станува збор за промени што одговараат на симптомите на аденом на хипофизата, бениген тумор на жлезда лоцирана во основата на мозокот што го регулира производството на голем број хормони.
Истражувачите веруваат дека туморот веројатно произведувал прекумерни количества хормон за раст и пролактин. Таквата хормонална нерамнотежа може постепено да ги менува цртите на лицето, а во некои случаи може да предизвика неочекувано лачење млеко. Авторите истакнуваат дека токму овој симптом може да се прикаже во алегориска слика од Ботичели. Тие нагласуваат дека нивната анализа не била доказ, туку медицински базирана хипотеза што ги поврзува историјата на уметноста и ендокринологијата.
Во новото истражување, авторите одат еден чекор понатаму. Тие заклучија дека историските извештаи за смртта на Симонета најдобро се совпаѓаат со хипофизната апоплексија, медицинска итна состојба што се јавува кога туморот на хипофизата одеднаш крвави или отекува. Таквата состојба обично предизвикува силна главоболка, визуелни нарушувања, конфузија и брзо влошување на општата состојба поради хормонален дисбаланс. Според истражувачите, ова би можело да објасни зошто младата жена, која дотогаш изгледала здраво, починала за многу кратко време. Туберкулозата, која досега се сметаше за најверојатна причина за нејзината смрт, обично предизвикува побавно и постепено влошување на организмот.
Авторите ја темелат својата хипотеза на три групи докази. Првите се промените видливи во портретите на Ботичели и тие укажуваат на болест што напредувала со месеци или со години. Вторите се историски записи за последните денови од животот на Симонета. Во писмата разменети меѓу Пјеро Веспучи и Лоренцо де Медичи се споменува дека таа се срушила за време на бал, по што следувале силни главоболки, халуцинации, повраќање и треска. Истражувачите веруваат дека ваквите симптоми одговараат на клиничката слика на хипофизна апоплексија. Третиот аргумент се однесува на два настана што ѝ претходеле на нејзината смрт – наводен насилен конфликт со Алфонсо Втори Арагон, војвода од Калабрија. Според авторите на трудот, двата настана можеле да предизвикаат крвавење или ненадеен раст на туморот. Авторите истакнуваат дека нивната теорија не претставува конечен доказ.
Нема биолошки примероци, медицински картони или можност за директно испитување на Симонета Веспучи. Достапни се само уметнички дела, историски документи и современо медицинско знаење применето речиси пет и пол века по нејзината смрт. Сепак, тие веруваат дека комбинацијата на историските извори и медицинската анализа дава поубедливо објаснување од претходната претпоставка за туберкулозата. В.Д.































