Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Пожар избувна попладнево во магацин за бои и лакови на булевар „Александар Македонски“ број 67 во скопската населба Железара. Над Скопје се издигна густ црн чад.

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), во 17.10 часот на терен биле испратени екипи на Бригадата за противпожарна заштита со шест противпожарни возила и 20 пожарникари.

 – Гори објект – магацин за бои и лакови на булевар „Александар Македонски“ бр. 67. Во 17.10 часот на терен се излезени екипи на Бригадата за противпожарна заштита со шест противпожарни возила и 20 пожарникари. Пожарот сè уште се води како активен – соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Поради карактерот на објектот и материјалите што се складираат во него, пожарникарите интервенирале со зголемено внимание.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, подоцна информираше дека пожарот е изгасен.

Засега нема информации за повредени лица, причините за избувнувањето на пожарот или причинетата материјална штета.