Турскиот министер за правда, Акин Гурлек, изјави дека 11 ученици се повредени во вооружениот инцидент што утрово се случи пред средно училиште во Маниса, од кои двајца се тешко повредени.
Гурлек соопшти дека малолетникот кој пукал пред училиштето е приведен, како и неговите родители и дедо му.
Тој наведе дека, согласно законската регулатива, семејството сноси одговорност за постапките на малолетниците, поради што се приведени и членовите на семејството на осомничениот.
– Околностите под кои оружјето дошло во посед на детето, условите под кои било складирано оружјето, одговорностите на родителите за грижа и надзор, како и наводите за малтретирање од страна на врсници пред инцидентот, темелно и прецизно се истражуваат – изјави Гурлек.
Тој нагласи дека инцидентот, кој ја загрозил безбедноста на учениците, ќе биде целосно истражен во рамките на законот.
– Одговорните ќе бидат прецизно идентификувани и нема да биде превидена никаква небрежност – порача турскиот министер за правда.































